„Facebook“, односно сега веќе „Meta“, е прогласена за најлоша компанија на годината, по турбулентните 12 месеци полни со контроверзии, негативни реакции од јавноста и евентуалното целосно ребрендирање на гигантот, стои во истражувањето кое го спроведе „Yahoo Finance“.
„Yahoo Finance“ секоја година „крунисува“ најдобра компанија на годината, а за 2021 година тоа е „Microsoft“. Меѓутоа, тие оваа година одлучиле да дознаат и која компанија е најлоша, а „Facebook“ брзо го зазел првото место.
Според анкетата во која учествувале повеќе од илјада поединци, „Facebook“ добил дури 50 отсто повеќе гласови за најлоша компанија од второрангираниот кинески гигант за е-трговија – „Alibaba“.
Испитаниците имале низа различни обвиненија против компанијата, вклучувајќи загриженост поради цензура, влијанието на Инстаграм врз менталното здравје и нарушување на приватноста. Иако резултатите од анкетата се прилично негативни, сепак 30 отсто од анкетираните сметаат дека „Facebook“ би можел „да се искупи“.