Европратениците денеска изгласаа резолуција со која бараат да се даде поддршка за развој на стратегија во ЕУ за видеоигри, и тие да се сметаат за културно наследство, јави дописничката на МИА од Брисел.
Резолуцијата изгласана денеска во Европскиот Парламент ја поддржаа 560 пратеници, 34 гласаа против, а 16 се воздржаа.
Со резолуцијата се бара да се изземе државната помош од фискалните правила во ЕУ кога станува збор за инвестиции во видеоигри, со што би се поттикнало помасовно инвестирање во оваа област и би се задржале талентите во ЕУ.
Според пратениците Европската Комисија и земјите членки треба да ја препознаат додадената вредност на видеоигрите за ЕУ и нивниот потенција за раст и иновација преку елаборација на долгорочна стратегија за видео игрите во ЕУ.
Тие побараа максимизирање на приликите за креирање видеоигри во сите земји членки на ЕУ и подобри критериуми за финансирање преку програмите на Европската Комисија, односно ревизија на ЕУ правилата за државна помош.
Пратениците предупредија дека овој сектор се соочува со недостиг на таленти кои заминуваат во други делови од светот.
Според нив потребно е видеоигрите да добијат статус на културно наследство.