Српскиот претседател Александар Вучиќ, денеска во Берлин изјави дека германскиот канцелар Олаф Шолц на средбата му порачал дека се што е потпишано меѓу Белград и Приштина мора да се имплементира, што важи и за Бриселскиот договор, како и дека Србија добро ја разбира пораката на Германија и на другите земји за војната во Украина, јави МИА од Белград.
Што се однесува до односот на Србија кон правната и политичка природа на конфликтот во Украина, ние недвосмислено се изјаснивме, но единствено изјавата на Србија беше или неочекувана или делумно очекувана, за разлика од сите други. Шолц беше многу јасен и силно ги повтори ставовите и барањата на Германија. Србија има поинаков став во однос на Косово и затоа ние имаме многу други проблеми, Србија беше под санкции цела деценија и имаме различно расположение кон санкциите. Добро ја разбравме пораката на Германија и детално разговарав за тоа со канцеларот. Нема сомнеж дека изборот на Србија е да биде на европскиот пат и ние ќе бидеме цврсто посветени на тој пат, иако анкетите покажуваат дека не е најпопуларен, српското раководство ќе го поддржи тој пат – изјави Вучиќ на заедничката прес-конференција со канцеларот Шолц.
Германскиот канцелар изјави дека Германија го поддржува процесот на пристапување на Србија во ЕУ и дека тој лично ќе се заложи за тоа, а информираше дека иако на сребата разговарале за билатералната соработка и руската војна против Украина, клучна тема била колку е важен напредокот на дијалогот Белград-Приштина.
Многу е важно сите да испратиме иста порака – изјави Шолц за реакцијата на војната во Украина и додаде дека освен за тоа, загрижен е и за ситуацијата во БиХ, поради, како што рече, „сецесионистичките ставови на српскиот претставник Милорад Додик“.
Шолц претходно се сретна со косовскиот премиер Албин Курти, со кого разговарале за визната либерализација за Косово, ситуацијата во регионот и соработката.