дома прашуваме други колумна Експресионистичка медитација за едно поднебје

Експресионистичка медитација за едно поднебје

Колумна на Марија Стојческа

122
0
Длабоката и лирска реминисценција на исконското, далечно суштествување на еден народ и поднебје е присутна во делата на македонскиот современ сликар Вангел Коџоман (роден во Струга 1904-1994). Имено, во галерискиот простор на Даут Пашин амам при НГМ по повод 120 години од неговото раѓање, минатата недела се отвори изложба која го презентира богатото ликовно творештво.

Кога станува збор за делото на овој уметник, несомнено, се говори за личност која е длабоко поврзана со традицијата и културното наследство на својата земја, и со самиот факт зазема достојно место меѓу еминентните уметници-втемелувачи и развивачи на македонското современо сликарство, како што се: Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димитар Пандилов и други. Во широката ретроспекција изложени се дела од разни периоди во неговото творештво каде ги иницира своите мотивски преокупации: природните убавини, староградската архитектура, мртва природа, портрети, фолклорот, пејзажи, автопортрети, човечка фигура во различен амбиент, национални мотиви и слично.

Ликовното проседе и содржина на Вангел Коџоман најдобро се изразени во техника на акварел, пастел и масло, со децидно и суптилно обоени емотивни ликовни созвучја. Во својата јасност и разбирливост, тематски и ликовно во креацијата, пулсира една колористичка хармонија нанесена во густа и светло-темна гама, каде при компонирањето видливи се вредностите на суптилни односи и созвучја. Набљудувајќи ги овие дела се добива впечаток како сликата да живее и надвор од рамната површина на платното, како сликата да е работена во повеќе делови, ликовно издржана и урамнотежена.

Во овие творби можат да се насетат повеќе стилски развојни етапи почнувајќи од импресионизам и постимпресионизам, па се до експресионизам и фовизам. Својата пиктурална идеја ја изразува преку колористички нанос слој врз слој боја, со гмечење на пастата ги открива скриените вредности на бојата. Интензитетот на бојата ја негува до степен да со неа ги конструира формите и фигурите, додека пак мотивот е толку доживеан и соживеан да нема потреба за ателјерска работа по претходно направена скица. На тој начин делото останува верно на реалноста, но истовремено претставува засебна сликарска целина со свои закони и вредности.

Она по што посебно се издвојува во својот жанровски дискурс се пејзажите движејќи се од реалистичко-експресионистички концепт па речиси до апстрактна стилизација но без поголеми отстапки од појдовниот лајтмотив. Тоа се, впрочем, живописни пејзажи во кои пулсира неговата топла љубов за родниот крај и импресионираност од македонските предели („Чунови”, „Пченка”, „Гумно”, „Уплашени коњи”, „На Вардар”, „Под Китка”, „Од скопскиот парк” и сл). Во акварелот Коџоман дава свежи дела со посебна растреперливост и деликатност на колоритот, со продорот на светлината се добива впечаток на лирски и импресионистички расположби и сензации на виденото. На свој карактеристичен начин авторот постигнува автономност на чистото ликовно, барајќи колористичко градирање и сликарски волумен во длабочина.

Токму тоа му овозможува постојаност на стилот и на неговата вредност. Портретите и автопортретите јасно и реалистички ги доловува физичките и психолошките црти на лицето, прикажува објективно портретно сликање со виртуозност на цртежот. Изложените слики претставуваат интимни белешки кои сведочат за различните фази во уметниковиот творечки период, исполнет со топла, блага и народска експресија проткаена со скромност и хармоничност.

Стабилните вредности и доследноста во своите стилски решенија Вангел Коџоман ги осведочува како низ призма на една свеченост за окото, додека самоуверено го обликува појавното комбинирајќи го со фовистички нијанси во експресијата. Енормен е придонесот на овој уметник кој ја поврза нашата средновековна ликовна традиција со современ третман и начин на работа во особен ликовен израз кој вреди да се погледне.

Автор: Марија Стојческа