Голем дел од пациентите кои имале корона вирус биле дијагностицирани со ментални нарушувања дури и неколку месеци откако биле позитивни на ковид, покажа новото истражување на научниците од Универзитетот во Оксфорд.
Во студијата објавена во списанието „Лансет Сикајатри“, истражувачите од Универзитетот во Оксфорд ги анализирале електронските здравствени досиеја на дури 69 милиони луѓе кои живеат во САД, вклучувајќи 62.354 лица со дијагностициран ковид-19 помеѓу 20 јануари и 1 август, пишува Раша Тудеј.
Истражувачите откриле дека 20% од луѓето заразени со вирусот имале дијагноза на ментално нарушување во рок од 90 дена по тестирањето.
Претежно имало различни видови на вознемиреност, вклучувајќи нарушување при прилагодување, посттрауматско стресно нарушување и напади на паника, како и несоница и деменција.
-Постоеше загриженост дека луѓето кои биле заразени ќе бидат изложени на поголем ризик од проблеми со менталното здравје, а нашите откритија покажуваат дека тоа е најверојатно точно, рече Пол Харисон, професор по психијатрија и еден од авторите на студијата.