Неволно го потврди поразот во Бања Лука, Милорад Додик рече дека тоа не е „мал удар“ за него и ги прекори жителите на Бања Лука дека „не биле фер“ кон неговиот кандидат за градоначалник Игор Радојичиќ, жалејќи се колку СНСД и тој лично инвестирале во градот.
–Некој играше валкано овде, рече Додик, не навикнат на порази. Тој најави дека СНСД нема да спроведува политика на конфликт со новата градска влада во Бања Лука, со која ќе раководи младиот Драшко Станивуковиќ од Партијата за демократски напредок (ПДП).
Станивуковиќ, кој е исто така член на Националното собрание на РС, често вербално се судираше со Додик.
Додик потврди дека кандидатот на СНСД за градоначалник на Бјелина, вториот по големина град во РС, исто така загуби на изборите, каде победи кандидатот на Српската демократска партија (СДС)
–Секако дека сме повредени од (изгубената) позиција на градоначалник, рече Додик обвинувајќи ги коалициските партнери за предавство. Тој тврди дека и покрај тоа, СНСД останува најсилната партија во РС затоа што сега има моќ во 41 општина, што е една повеќе од порано.
На крајот, Додик се спореди со Винстон Черчил, потсетувајќи дека тој исто така загуби на изборите во 1945 година, иако беше еден од водачите на победничката коалиција во војната.