Во 2021 година, приходите на извршните директори на САД беа во просек 399 пати повисоки од платите на работниците, бидејќи тие растеа со побрзо темпо за време на пандемијата.
Ова е најголемата разлика откако се измерени и споредени платите на раководните лица и работниците. За споредба, една година порано тие беа 366 пати повисоки, а во 1965 година платите на директорите беа 20 пати повисоки од просечните плати на работниците.
Кога ќе се земат предвид сите нивни законски приходи, од 1978 година заработката на директорите на компаниите се зголемила за цели 1.460 отсто, а темпото на овој раст е особено забрзано од почетокот на пандемијата и придружната економска криза.
Помеѓу 2019 и 2021 година платите на директорите се зголемени за 30,3 отсто, а на работниците за 3,9 отсто, барем на оние кои не останале без работа за време на кризата.
Ова се податоци од анкета во која беа опфатени 350 најголеми американски компании. Извршните директори на тие компании минатата година заработувале во просек 27,8 милиони долари годишно.