Сонцето, месечината и Земјата денеска беа на иста рамнина, па беше можно да се види делумно затемнување на Сонцето. Во оваа прилика, Месечината покривала една третина од дијаметарот на Сонцето, а затемнувањето било највидливо околу 12:30 часот.
Астрономијата прави разлика помеѓу три типа на затемнување – целосно, што беше видливо во Македонија во 1999 година, прстенесто и она што се случи денес – делумно. Кога Месечината е помеѓу Земјата и Сонцето, дел од ѕвездата е заматен. Во текот на годината може да се случат две до пет затемнувања на Сонцето, но тие не се секогаш видливи од истото место.
Иако кај нас затемнувањето беше делумно и се гледаше само 40 отсто од покривањето на Сонцето, во Русија овој феномен е највидлив, бидејќи Месечината покрива 71 отсто од Сончевиот диск. Следен е Иран, а жителите на Техеран можеа да видат 64 отсто од покривањето на оваа ѕвезда.