Како дел од напорите да се спречи ширењето на новиот сој омикрон, Норвешка ќе го забрани служењето алкохол во баровите и рестораните, ќе воведе построги правила во училиштата и ќе ја забрза програмата за вакцинација, соопшти денеска владата.
– За многумина, ова ќе изгледа како заклучување, ако не на самото општество, тогаш на нивните животи и средства за живот. Ситуацијата е сериозна. Инфекцијата се шири пребрзо и мора да преземеме мерки за да го ограничиме понатамошниот развој. Омикрон ги смени правилата – рече премиерот Јонас Гар Стоере на прес-конференција.
Во Норвешка се поставени рекорди и за бројот на нови инфекции со ковид-19 и за бројот на хоспитализирани, делумно поради ширењето на новиот сој омикрон.
– Ако не дејствуваме сега, може да има негативни последици за општеството, не само за здравствените услуги и локалните заедници – предупредија властите.
– Доколку не воведеме ефективни мерки, ризикуваме да имаме меѓу 90.000 и 300.000 нови случаи на ковид-19 на ден од јануари – велат тие.
На 7 декември норвешките власти воведоа ограничување на бројот на посетители дозволени во приватни домови и го скратија времето во кое баровите и рестораните можат да служат алкохол.