Поради поскапувањето на енергенсите, секое четврто домаќинство во Европа зимава ќе мора да избира помеѓу храна или плаќање сметки.
–За жал, ранливите ќе бидат принудени да ја платат цената за нестабилноста на нашиот енергетски систем од фосилни горива, изјави за EURACTIV Марта Мајерс од „Пријатели на Земјата“, еколошка невладина организација.
Таа додава дека е „трагедија“ што на еден од најбогатите континенти во светот, секое четврто европско домаќинство и повеќе оваа зима мора да донесе одлука меѓу затоплување на домовите и храна на трпеза.
Околу 31 милион Европејци живееле во енергетска сиромаштија и не биле во можност соодветно да ги загреат своите домови, покажуваат податоците на Евростат цитирани од Европската комисија во нејзиниот извештај за состојбата на Енергетската унија за 2021 година.
На пример, Заедничкиот истражувачки центар на Комисијата во 2019 година пресмета дека 50 милиони луѓе живеат во енергетска сиромаштија, што е речиси 20 милиони повеќе од најновите проценки на ЕУ.
Многумина велат дека оваа бројка е помала од реалната слика, бидејќи не постои заедничка дефиниција за енергетска сиромаштија низ Европа, што го отежнува проценувањето на степенот на проблемот.
Мајерс предупреди дека оваа бројка може да се искачи на 80 милиони поради тековната криза на цените на енергијата во комбинација со влијанието на кризата КОВИД.