Бројот на предвремени смртни случаи предизвикани од загадениот воздух во Европа е намален за 10 отсто годишно, но невидливиот убиец и понатаму одзема 307.000 животи предвреме секоја година, објави во понеделник Европската агенција за животна средина (ЕЕА).

Доколку членките на ЕУ се придржуваат до најновите упатства на Светската здравствена организација (СЗО) за квалитетот на воздухот, бројот на смртни случаи од загадување регистрирани во 2019 година може да се преполови, се вели во извештајот на ЕЕА.

Во 2018 година, бројот на смртни случаи поврзани со ПМ честичките, оние помали од 2,5 микрометри или ПМ2,5, беше проценет на 346.000.

Очигледното намалување на бројот на смртни случаи во 2019 година делумно се должи на поволните временски услови, но пред се на прогресивното подобрување на квалитетот на воздухот на целиот континент, оценува Центарот за следење на загадувањето на воздухот на Европската унија.

Во раните 1990-ти, ситни честички, кои успеале да навлезат длабоко во белите дробови, влијаеле на речиси милион прерана смрт во 27-те земји-членки на ЕУ, се вели во извештајот.

Тој број е повеќе од преполовен до 2005 година – на 450.000 предвремени смртни случаи.

Во текот на 2019 година, тие честички предизвикаа 53.800 предвремени смртни случаи во Германија, 49.900 во Италија, 29.800 во Франција и 23.300 во Шпанија. Во Полска загинаа 39.300 луѓе, што е најголем број по глава на жител.