Партијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов ГЕРБ освоила 25,7 проценти од гласовите, опозицискиот БСП 17,6 отсто, а партијата на ТВ-водителот Слави Трифонов „Има таков народ“ 15,2 отсто, според прелиминарните резултати од бугарските парламентарни избори, кои покажуваат дека во парламентот влегуваат седум партии.
Забележан е сериозен одлив на гласови од владејачката партија ГЕРБ и од најголемата опозициска сила БСП, покажуваат анализите.
Се смета дека партијата на Трифонов може да биде одлучувачка за одредување на составот на идната влада. Тој на крајот на изборниот ден преку Фејсбук соопшти дека има симптоми на ковид-19, додавајќи дека ги прави потребните истражувања и се изолирал.
На денешните парламентарни избори во Бугарија имаше излезеност од 48 проценти, односно гласаа речиси три милиони граѓани.