дома животен стил Балканска водна мрежа со апел до град Скопје за обезбедување бесплатни менструални...

Балканска водна мрежа со апел до град Скопје за обезбедување бесплатни менструални производи

Резултати од трошковната анализа спроведена од Балканска водна мрежа

536
0
Организацијата Балканска водна мрежа ја презентираше трошковната анализа за менструалните производи спроведена на територија на град Скопје, заедно со препораките упатени до локалната самоуправа и релевантните институции. Анализата е спрведена во рамките на иницијативата „Борба против менструалната сиромаштија“, а организаторите наведуваат дека проектот има за цел – мониторирање на предизборните, досега неостварени ветувања на ДОМ за искоренување на т.н. менструална сиромаштија. 
Александра Радевска, проектен координатор

При спроведување на трошковната анализа е направен анкетен прашалник и анкетирани се 328 средношколки од пет средни училишта на територија на град Скопје. Од добиените резултати, заклучено е дека трошокот за менструални производи во рамките на едно домаќинство е обременување на семејниот буџет, поради што се помалку се внимава на квалитетот на менструалните производи што се купуваат. Анкетираните ученички ги препознале влошките за повеќенаменска употреба како најефикасни решенија во намалување на трошоците за менструалните производи, иако менструалните чашки се објективно најефикасни во намалување на економското оптеретување за 93%, а згора на тоа претставуваат и најеколошко решение бидејќи го редуцираат квантитетот на менструалниот отпад.

Од трошковната анализа произлегува заклучокот дека пристапот до достапни и економски прифатливи менструални производи е критичен за обезбедување на менструална правда и спречување на менструалната сиромаштија, наведуваат од Балканска водена мрежа.

Врз основа на спроведените истражувања и добиените резултати, Балканската водена мрежа упати препораки до град Скопје и релевантните институции за обезбедување бесплатни или субвенционирани менструални производи за средношколките низ училиштата на територија на град Скопје. Покрај тоа повика на зголемена едукација во образовниот систем и подигање на свеста за значењето на менстралната хигиена и репродуктивното здравје, а организаторите повикаа и на изнаоѓање на економски и еколошки алтернативи на менструални производи со цел економско растеретување на домаќинствата и поголема заштита на животната средина. За крај тие ја нагласуваат и улогата на НВО во покренување на иницијативи и подигање на свест за значењето на темата – менструална сиромаштија.

Менструацијата не е луксуз!

Пред неколку дена а по повод „Денот на менструалната правда“, претставници од Балканска водена мрежа и проектот „Борба против менструална сиромаштија“ спроведоа герила акција пред град Скопје, чија цел беше да побараат одговор од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, зошто се уште не се остварени предизборните ветувања дека девојчињата на територијата на град Скопје ќе добијат бесплантни менструални производи низ школите. При оваа акција освен голем интерес од јавноста, организаторите не добија одговор од град Скопје.