Пред избивањето на ковид-19, Николас Римолди никогаш не присуствувал на протест, но во текот на пандемијата, во која неговата родна Швајцарија воведе заклучување во повеќе наврати, а потоа и сертификати за вакцинација, тој реши да го изрази неговото незадоволство и сега предводи една од најголемите младински антиваксерски групи во Европа – Мас Вол.
Бидејќи Римолди одлучи да не се вакцинира, сега во голема мера е исклучен од општествениот живот.
Студентот, засега, без сертификат за вакцинација не може да го продолжи образованието или да заработува во маркетот каде што беше хонорарно вработен.
Оневозможено му е да влегува во угостителски објекти, да присуствува на концерти или да оди во вежбалница.
Луѓето без сертификат, како што сум јас, веќе не сме дел од општеството. Ние сме исклучени. Како да сме помалку вредни човечки суштества – смета Римолди, истакнувајќи го и неговиот став дека „живееме во двокласно општество, што е кошмар“.
Со влегувањето на пандемијата во нејзината трета година и новиот бран на зараза поттикнат од омикрон-сојот, владите низ светот уште се обидуваат да го стават вирусот под контрола.
Вакцините претставуваат едно од најсилите оружја во пандемијата, но гласното малцинство во кое спаѓа и Римолди, одбива да ги прими.
Повеќе држави затоа воведуваат построги мерки и рестрикции за невакцинираните, со цел да ги убедат да се имунизираат. Но, на тој начин, се тестираат границите помеѓу јавното здравје и граѓанските слободи, а избиваат и тензии меѓу вакцинираните и невакцинираните – заклучува „Си-ен-ен“.