Ако се врши само визуелна проверка на сертификатите за вакцинација при влез во угостителски објект, семинар, веселба, културен или спортски настан, нема повреда на Законот за заштита на личните податоци и следствено не претставува злоупотреба на личните податоци, велат од Агенцијата за заштита на личните податоци.
– Законот за заштита на личните податоци се применува само во случај кога се врши обработка на личните податоци. Под обработка на лични податоци во согласност со законот се смета секоја операција или збир на операции што се извршуваат врз личните податоци или група на лични податоци, автоматски или на друг начин, како што се: собирање, евидентирање, организирање, структурирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење или уништување. Оттука, известуваме дека ако се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот Sars-Cov-2 (без оглед дали е во хартиена форма или се чува на дигитален уред) и притоа не се задржуваат личните податоци при ваквата проверка, тоа не претставува „обработка на личните податоци“ и следствено ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци – се наведува во соопштението.
Овој одговор на Агенција за заштита на лични податоци произлезе откако во јавноста се појавија тврдења дека проверката на здравствените документи не може да ја прави никој освен медицинско лице со посебна дозвола на пациентот.
Исто така, никој друг освен лекарот не може да отстапува информации за здравствената состојба на пациентот.
Но Агенцијата за заштита на лични податоци, веднаш се огради од гонење на редарите и класифицирање на новите мерки како противзаконски со бизарен одговор дека – електронската форма на документот и едноставна визуелна проверка е тоа што ги ослободува редарите и носителите на мерките од одговорност.