Марија Ташева е македонска научничка, социолог, доајен на социолошката наука во Македонија. Во својата обемна научно-истражувачка работа ги поставува темелите на социолошката наука во Македонија, но ништо помалку не е значајна и нејзината професорска дејност, преку која голем број генерации студенти ги добивале своите знаења и вештини за социолошката наука, теорија и метод. 

За порталот „Мој збор“ проф. д-р Ташева говори за важноста на социологијата како наука и нејзината задача во современиот систем на науки, за состојбата на социологијата во контекст на промена (некои ја толкуваат и како криза) на научниот метод и научната дисциплина, но и за тоа како повеќе да се цени статусот на социологијата како наука, нејзината видлива примена во општеството, пред сѐ во образованието и како да се подобри „угледот“ на социолошката наука и експерти од социолошката област, што ќе поттикне поголемо признавање на научноистражувачките резултати за теми и проблеми чиј суверенитет го има токму социолошката наука, пристап, теорија и метод.

  • Карл Манхајм велеше дека задачата на социологијата треба да биде „предвидувањето“. Дали денеска социологијата се користи за антиципирање на општествени појави и настани? Се очекува науката да ги предвиди сите ризици, да превенира и да елиминира можност да дојде до кризни и ризички ситуации и науката предупредува дека доколку не се примени доследно научното знаење и метод, може да дојде до одредени несакани ефекти. Ја исполнува ли социологијата таа задача?

Проф. д-р Ташева: Прво нешто за Манхајм надвор од прашањето, но со конкретна намера.

Карл Манхајм своите дилеми околу улогата на социологијата во унапредуваето на општествениот живот ги искажува во својата англиска фаза, во рамки на дејноста во Англија, во која пристигнал во 1933, кога, како Евреин, морал да ја напушти Германија во која завладеал фашизмот. Проблемот со кој во прв ред се соочил била либералната демократија и нејзините можности за изградба на критериуми за избор според кои членовите на општеството ќе се распоредат согласно со нивите капацитети за вршење на одредени функции.

Тој не дал одговор како може да се постигне усоглаување меѓу индивидуалните способности и изборот на индивидуите за вршење на одредени дејности. Овој проблем до денес не е целосно решен во општествата во кои опстојува либералната демократија – иако во нив, во одредени сфери, се практикува критериумот на мериторноста, но тој е особено актуелен во општествата со идеократски критериум на избор, во кои влегува и нашето општество.

Ако тргнеме од примерот на Северна Македонија, идеократскиот критериум е толку длабоко вкоренет, што никакви социолошки укажувања не можат да го изместат. Големата емиграција од државата, според мене, се должи не на тоа што луѓето што ја напуштаат државата не можат во неа да го обезбедат својот опстанок, туку на фактот што не прифаќаат да бидат жртви на терор што носителите на високи функции избрани според партиски критериуми и без способност да ги исполнуваат барањата на функцијата што им е доверена, го спроведуваат врз способните лица.

Во однос на вашето прашање за можностите на социологијата за антиципирање на општествените настани, ќе упатам на нејзиниот развој, во кој можат да се разграничат три нивоа кои следуваат едно по друго – макросоциологија, мезосоциологија, микросоциологија. Кога се изделува од филозофијата како посебна наука, социологијата го дефинира својот предмет – општеството како релативно самодоволна единица – со фокус на неговите составни делови, нивните заемни односи и односот на секој со целината (општествена статика), како и промената на деловите и целината (општествена димамика).

Нејзината цел е да биде општествена водителка – да помага во ускладувањето на дејноста на општествените единици и опстојувањето на општеството како добро усогласена (функционална) целина. Во времето на Манхајм, кој го споменавте, веќе границите на општествата се порозни, тие повеќе не се самодоволни единици, туку единици со многубројни односи надвор од своите граници, како и со се посложена структура внатре во нив. Затоа признанието на социолозите дека социологијата нема можност за целосно истражување на општествените појави, за утврдување на сите причини за нивниот настанок и сите последици што следуваат од нив.

Тие го дефинираат нивото на средниот домен, каде истражувањата можат единствено да се ограничат на мал избор на причини и последици, односно го искажуваат признанието дека социологијата нема моќ за сеопфатно истражување на општествените феномени, а со тоа и моќ за посоодветно предвидвање. Денес промената е толку брза, состојбата на општествените единици толку флуидна, мрежата на нивните врски толку густа, што социологијата ги стеснува своите амбиции на микро ниво. Социолошките истражувања се насочуваат кон конкретни општествени феномени без амбиции за нивно поставување во глобален контекст и без намери добиените податоци да се вградат во општа теорија. Секако, останува размислувањето за она што денес се случува, но секое размислување вклучува спекулација.

Краткиот одговор на последниот дел од прашањето е дека социологијата го прави она што може да го направи во услови на целосна промена на првичниот предмет на нејзиното истражување. Таа може да спекулира околу современите состојби и со тоа да се враќа во прегратките на филозогијата, и, може да се занимава со истражување на конкретни појави без можност со постигнатите резултати да прави предвидувања за глобалниот тек на нештата.

  • Ако почетокот на 20ти век беше обележан со еманципација на науките и етаблирање на поединечните науки вклучително и социологијата, како ќе се дефинира состојбата со поединечните науки во 21 век имајќи предвид дека интердициплинарниот пристап и нужната соработка на поединечните научни профили е најчеста во праксата? Ќе дојде ли до повторно спојување на поединечните науки под еден научен пристап?

Проф. д-р Ташева: Интензивната општествена промена ги става сите науки пред предизвикот континуирано да го преиспитуваат предметот на своето истражување. Промената условува секоја наука да дефинира нови области на истражување.

Имено, науките го усложнуваат својот предмет на истражување. Меѓусебните врски се неминовни, а со тоа и споделувањето на откритијата. Истражувачките резултати за дадени феномени на една наука можат да се преиспитуваат преку соодветни откритија на други науки. Но, спојувањето на сите науки во една е невозможен потфат.

Повеќе е за очекување да се изделат нови науки, односно научните области во рамките на одделните науки да прераснат во посебни науки, како и одделни области од повеќе науки да се обединат во нова наука. И, секако, да се интензивира заемната научна соработка.

  • Има ли криза на науката? Томас Кун велеше дека науката ја сочинува смена на научните парадигми. Согласно тоа која научна парадигма денеска владее, ако во науката често се среќаваат различни истражувачки резултати, ставови на научниците се различни, научните достигнувања се релативизираат, што носи особено криза во општествените науки. Ќе „преживее“ ли социологијата во време кога се смета дека наука е технолошки ориентирана и каде потребно е да се генерираат знаења кои ќе донесат некаков профит и ќе станат ад хок видливи?

Проф. д-р Ташева: Одговорот на прашањето дали денес има криза на науката, би рекла дека треба да се бара во очекувањата од нејзините резултати. Во однос на социологијата, ако очекуваме таа да дојде до резултати што биле дефинирани на почетокот на нејзиниот настанок, ќе бидеме разочарани.

Но ако се соочиме со реалноста дека општеството од првата дефиниција на социологијата не постои, тогаш ни се прифатливи резултатите до кои доаѓаат денешните научници, со свест дека еднолични научни заклучоци се невозможи затоа што општествените појави опстојуваат преку безброј вариетети, и, затоа што нема општествена појава што подолго опстојува во еден облик. Технолошката ориентација на современите општества единствено социологијата ја става пред нови предизвици – еден од нив би бил трагањето по механизми за општествена интеграција во услови на интензивен напредок на технологиите.

  • Ако треба во неколку реченици да направиме „одбрана“ на социологијата како наука, што ќе речете? Зошто е важна социологијата? Може ли човек да го разбере светот во кој живее ако притоа не ги „позајми“ концептите од социологијата?

Проф. д-р Ташева: Сметам дека на секоја наука што се изборила за свој статус во системот на науките не и е потребна одбрана. Таа е одбранета со тоа што постои. Од своето настанување до денес социологијата ги има пред себе општествените институции, а тие поминуваат низ сопствена промена, но се тука. Религијата во текот на историјата, некаде помалку, некаде повеќе, ја ослабнува својата интегративна моќ, но таа и денес е институција на општествената интеграција, и, еден од предметите на проучување на социолошката наука.

Семејството денес поминува низ процес на интензивна промена – а таа промена е една од истражувачките задачи на социологијата. Економијата поминува низ процес на интензивна промена со воведувањето на нови технологии, и најново, со воведувањето во работниот процес на вештачката интелигенција – и тука има многу работа за социологијата, во прв ред во истражувањето како овие промени се одразуваат врз животот на човечките единки.

Политиката во своето издание во општествата на западната цивилозација открива јасни знаци дека и е потребна промена во насока на подигнување на повисоко ниво на механизмите на општествената контрола – и тука едно чудо работа за социологијата.

Да не набројувам понатаму, само го искажувам своето мислење дека социолошки истражувања се потребни во сите домени на општествениот живот, но од нив не може да се очекува дека ќе нудат лек за проблемите што ги мачат денешните оштества, туку единствено дека ќе ги детектираат проблемите и евентуално дека ќе дефинираат одредени исходи за ублажување на последиците што може да се предвидат.

 

  • Како најопшта општествена наука социологијата има примена во други општествени науки, како правото, економијата, психологијата, социјалната работа, а сепак профилот „социолог“ уште не е јасен. Пошироката јавност воопшто не знае со што еден социолог со универзитетска диплома се занимава и која е неговата улога во општеството. Сметате ли дека потребна е поголема заложба на социолозите да ја прикажат својата наука и работа како вредна. На пример јас лично не гледам зошто во секое училиште е важно да има психолог и педагог, повеќе одошто да има социолог кој треба да ги разбере врсничките групи, нивните меѓусебни односи, односите на поединецот со групата, карактеристики на групните припадности и сл.?

Проф. д-р Ташева: Сметам дека агитирањето за значајноста на една наука и потребата од ангажирање на стучњаци од нејзиниот домен не може да даде резултати. Посоодветен начин за промоција е дејноста на самите стручњаци – видливите резултати од нивната работа, а тука, во конкретниот случај, ги вклучувам како наставниците, така и дипломираните социолози.

Социологијата, како најопшта наука за општеството, не може да едуцира специјалисти од типот на лекарите или инженерите. Не постои занает социолог.

Едукацијата која се спроведува преку студиската програма за социологија од прв циклус , има за цел студентите да ги воведе во тоа како функционираат општествата, за тие, со помош на стекнатото знаење, да се приспособат на дејноста за која се ангажрани. Студиските програми за втор и трет циклус би требало да ги ориентираат кон посебни области на општествениот живот, но тука се јавува еден објективен проблем – разновидноста на студиските програми претпоставува голем број наставници и голем број студенти.

Состојбата кај нас е таква што континуирано опаѓа како бројот на наставниците, така и бројот на студентите. На ова би ја додала и големината на самото општество. Социолозите можат да најдат свое поле на дејствување единствено во областите кои вклучуваат многубројно население – како во делот на понудувачите на услуги, така и во делот на примателите на услуги. Оттаму, основната ориентација е кон сферата на образованието. Најголемиот број социолози се вклучени во образовниот процес – како наставници или стручни соработници. Други области на дејствување, со поограничени можности за вработување, се: новинарството, политиката и невладиниот сектор.

Во првите децении од работата на Институтот за социологија се правеа обиди за влез во индустријата, но тие обиди пропаднаа со пропаѓањето на индустријата, а новите индустриски капцитети во најголем дел се во сопственост на странци и е отворено прашањето каков е нивниот став кон персоналните односи и нивното влијание врз продуктивноста.

Сфери што до сега не се вклучени во програмте, а што даваат можност за ангажирање на социолози се: медицинската социологија и социологијата на животни. Медицинската социологија има три области на интерес: 1) планирање на дистрибуцијата и видот на медицински установи согласно со демографската структура на населението (младо население, старо население, индустриски работници и тн.); 2) персоналните односи во здравствените установи (односите меѓу вработените во здравствената хиерархија и нивниот однос со пацинтите; и 3) учеството на социолози во лекарски тимови кај болести со социјална условеност.

Социологијата на животни е нова социолошка дисциплина која се занимава со положбата и третманот на животните – домашни миленици, животни во рамки на индустријата за исхрана, животни во природата. Во однос на првата сфера, јас ја признавам својата одговорност што не бев упорна да се воведе во студиската програма предмет медицинска социологија, додека во однос на втората – имаме студент на докторските студии кој се определи за социологијата на животни, и кој, искрено се надевам, ќе го отвори патот за продор на социолозите во таа област.

Што се однесува до отсуството на социолози во стручните тимови во училиштата, ценам дека се во прашање објективни околности. Најголемиот број училишта во државата се мали, со мал број на ученици, кој број од година во година се намалува. Училиштата се финансираат според бројот на ученици, па затоа има објективни пречки за дополнување на постојните стручни тимови со социолози.

Во врска на ангажманот на социолози во образовните установи, чувствувам потреба да укажам на еден проблем. Малиот број ученици не дава можност еден наставник да го постигне бараниот неделен фонд на часови. Во некои училишта надостигот на часови во наставата се надополнува со учество во стручната служба, но најчесто и тоа не е доволно. Проблемот може да се разреши со воведување на студски програм за двопредметна настава. Јас не верувам дека статусот на една наука може да се подобри со агитација меѓу населението, но сепак, агитирам до сите високообразовни установи што подготвуваат наставници за воведување на двопредметни студиски програми.

Разговорот го водеше: Магдалена Стојмановиќ – Константинов