Едно од најубавите дела посветени на љубовта е студиозната социо-психоилошка анализа за љубовта е делото „Уметноста на љубовта“, на авторот Ерих Фром,издадено во 1956 година. Иако ова анализа опфаќа историски огледи на теоријата за љубовта со современи рефлексии за начинот на кој љубовта се манифестира на индивидуален психолошки план, но и во рамките на човечките заедници, студијата е актуелна и применлива и денеска скоро 70 години од нејзиното издавање и достапност за пошироката читателска публика. 

Ерих Фром, како голем познавач на делото на психоаналитичкиот автор Сигмуд Фројд и социолошките теории на Карл Маркс, прави синтеза од теориски пристапи преку кои на психолошки валиден начин, со премин во социолошки пристапи во опфаќање на љубовта како тема, широкоопфатно говори за љубвовта како феномен, основа за меѓучовечките односи, но и за тоа што таа подразбира во симболичка смисла.

Во теориска смисла, Фром вели дека љубовта има богата историја, преку функција, до чувство или објект на љубовта. Во минатото, љубовта ја сочинувала заедницата која била одговорна за спојување на мажот и жената, односно љубовниот пар. Идејата на спојувањето била да се зачува семејната заедница, да се множи работната сила и љубовниот пар бил спојуван со посредници, кои требало да ја гарантираат подобноста на љубовната врска. Секоја љубовна врска била почеток за брак, а на бракот се гледало низ призма на функциите. Секој брак има најмалку три функции: репродуктивна, економска и воспитна функција.

Но, современите сфаќања за љубовта, според Фром, ја претвораат љубовта во чувство, односно потреба да се биде љубовен. Секој човек се претвора во објект на љубовта, а со тоа работи и вредно на создавање на поголем број на особини кои го прават конкурентен на пазарот на персоналности. На пример во минатото се вреднувал поагресивен тип на машкост, подготвен за војна, заштитнички тип, маж кој се истакнува над жената и сл. додека современите состојби се такви да повеќе денеска се цени маж кој е скромен, трудољубив и кој се залага за еднаков однос со спротивниот пол во љубовен однос. Со тоа и побарувачката на пазарот на персоналности е поголема за такви мажи, а мажите треба да работат на создавање одлики и вештини кои ќе ги претстават нив како скромни и вредни и дека поседуваат животни и социјални перформанси, кои се бараат за одржлива љубовна или брачна заедница.

Така од љубов, која е основа на брачна заедница на кој се гледа преку нејзината функционалност, љубовта станува чувство, односно објект. Но работите не се толку црно-бели и разбирливи само низ призма на бинарната логика. Напротив, љубовта носи со себе голем товар, како на пример товарот на осаменоста. Во основа на љубовта и потребата да се биде сакан се наоѓа одделеноста, односно отуѓувањето. Адам и Ева се отуѓиле во Едемот кога очите им се отвориле и сфатиле дека се спротивен пол, човекот е протеран од рајот, одделувањето на човекот од природата, на детето од мајчината утроба и многу други историски митови и реални животни ситуации укажуваат дека во основа човечкиот живот е полн со оттуѓување. Одалечувањето, пак ја раѓа осаменоста и тегобноста, односно потребата за вечното враќање кон изворот. Затоа и човекот толку страда и има чувство дека постојано нешто му недостига.

Ова чувство, Фром вели дека историски се компензирало со разни мистички обреди. Во Елевсинските мистерии, посветени на култот кон божицата Деметра и делумно кон нејзината ќерка божицата Пердефона, се случувале мистички оргии. Но со воспоставување на монотеистичкиот морал и прифаќањето на моногамните заедници како репер за тоа како треба да изгледа заедницата меѓу мажот и жената, мистериските обреди се забранети, а луѓето се почесто се оддаваат на алкохол, а во современо доба, вели Фром и на дроги. Така го ублажуваат чувството на осаменост и тегобност.

Во совремните љубовни односи, најголема вредност е припишува на еднаквоста. Мажот и жената треба да бидат еднакви меѓу себе. Но таа еднаквост, многу често преминува во стандардизација, односно потполна истост во навиките, ставовите, облекувањето и сл. други манифестни форми на прикажување, што смислата на еднаквоста целосно се губи. Еднаквоста станува едносличност, или Маркузе би рекол еднодимензионалност.

Само слободата да го изберете доброто или злото, може да го создаде одделувањето. Ако Адам и Ева не избрале да ги вкусат плодовите на забранетото дрво, немале да знаат што е добро, а што зло и немало да се видат меѓусебе како различни полови.

Кога, човек не може да го најде својот сроден субјект на кој би му ја псоветил својата љубов, обично прибегнува кон религијата. Обожувањето на Бог, значи дека човек, идејата за љубовта ја супституирал во Бог и го смета Бог како единствен кој е достоен да биде љубен. Оттуѓувањето во религијата, Фром го смета за една од најсилните показатели за изгубената доверба во човекот и во љубовта кон човекот. Но доколку љубовта не се смета за жртвување, за давање, кое е реципрочно, тогаш религиската љубов може да биде општа и здрав темел на меѓучовечката заедница.

Фром ги анализира и односите на садизам и мазохизам и вели дека без садист, не може да има мазохист и сл. Ако сте во однос со садист или со мазохист, вие сте еднакво одговорни за таа патолошка врска, зошто никој не би бил садист или мазохист ако вие не сте обратната страна од паричката. Мазохистот го жртвува целото свое постоење на садистот и се откажува од својот идентитет само да ја заслужи неговата љубов, а садистот преку својата доминација над мазохистот се соединува со сликата за себе, која ја изгубил во минатото. Односно, кажано со терминологија на хуманистичката психологија – садистот се самопотврдува преку малтретирањето на мазохистот. Сепак, Фром вели дека односот на садистот и мазохистот се консензуални односи и не треба да се третираат како повик за помош.

Фром ја завршува својата анализа за љубовта на еден мошне оптимистичен начин. Вели дека љубовта сепак е невидливата сила која ги одржува луѓето заедно. Ако видите дека некоја заедница опстанува, пред се во лоши моменти, тоа не е ништо друго туку невидливата сила на љубовта која ги држи тие двајца луѓе заедно. Тогаш кога нема љубов, секоја пречка е несовладлива и секоја заедница е осудена на пропаѓање.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов