Кога се говори за самоубиството, прво што помислуваме е дека станува збор за предизвикана смрт поради лична и поединечна одлука. Но колку и самоубиството да се почитува како нешто кое е лична одлука, дури и заштитено со право на евтаназија во многу европски земји, скоро никогаш тоа не е само лична работа.
Напротив, како што тврди францускиот социолог Емил Диркем, самоубиството на еден поединец секогаш има врска со социјалните односи кои тој ги гради и социјалната средина во која живее.
Различни науки даваат различни одговори за тоа кои се причините за самоубиство. Психолозите сметаат дека самоубиството е производ на психичкиот живот на еден поединец, начинот на кој тој одговара на стимулусите од средината, како ги менаџира истите и каков излез понатаму дава на тие надворешни стимулуси.
Додека психолозите нештата ги гледаат низ призма на бихејворијалното, психијатријата смета дека кон самоубиство води нелекувана и нетретирана хронична депресија. Според психијатријата депресивните луѓе се нефункционални и тие единствен излез гледаат во самоубиството.
Постојат теории дека причините за самоубиството треба да ги бараме и во биолошките фактори, генетиката, географскиот детерминизам. На пример, во рамки на некои демографски теории се тврди дека најголем процент на самоубиства има во земји каде што нема војни, криминал и сл. бидејќи ланецот на прекинување на животот и регулирање на бројот на населението е прекинат (нема природна селекција).
Според некои биолошки теории, пак, самоубства се јавуваат најмногу како резултат на географските и средински фактори.
Во средини каде што има премалку сонце, ноќите траат долго или е престудено, луѓето доживуваат хормонален дисбаланс, повеќе се лачи мелатонинот, кортизолот, како резултат на борбата со дивата природа и борба за преживување. Од друга страна, се помалку се лачат хормони на среќа и задоволство, како што се окситоционот, допаминот, ендорфинот и адреналинот.
Но, ниту една од овие теории не е комплетна и не може да се примени универзално. Сепак, една социолошка теории за потеклото на самоубиството и причините, е доста интересна и ја етаблира тезата дека самоубиството скоро никогаш не е само лична одлука, туку е предизвикано од социјалната средина.
Имено, во своето дело „Самоубиство“, францускиот социолог Емил Диркем вели дека поединецот се решава на самоубиство како резултат на неоптималните социјални услови во кои живее. Тие социјални услови го опструираат да ги задоволи своите потреби и да биде социјално функционален и адаптиран. Диркем дури разликува 4 типа на самоубиства кои одговараат на општествената слика каде се случуваат.
- Егоистичко самоубиство
Егоистичкото самоубиство настанува во општества каде социјалните врски и заедници се многу слаби. Поединците се отуѓени, егоистични и не се прифатени и адаптирани во една заедница. Луѓето во вакви општества извршуваат самоубиство бидејќи не се задоволени нивните потреби.
- Алтруистичко самоубиство
Алтруистичкото самоубиство настанува во средини каде што социјалните врски се јаки и поединците имаат силно развиено чувство на припадност. Самоубиството доаѓа како резултат на некоја болест или оневозможеност на поединецот социјално да функционира. Поединецот се самоубива за да им го олесни животот на другите членови на заедницата или затоа што чувствува дека не може веќе да придонесува за истата.
- Моралистичко самоубиство
Моралистичкото самоубиство настанува како резулатат на разидувања помеѓу личниот и колективниот морал. Овој тип на самоубиство настанува при големите транзиции, општествени промени и премини од едно во друго општествено уредување. Во општеството се наметнуваат стандарди кои се спротивни на етичките убедувања на поединецот. На пример протест за човекови права кои резултира со самозапалување е типичен пример за т.н. моралистичко самоубиство.
- Фаталистичко самоубиство
Фаталистичкото самоубиство е типично за колективистичките општества кои силно се потпираат на традицијата и каде свеста на луѓето е митска. Поединецот во ваков тип на општества или средини го доживува како судбина се тоа што му се случува. Тој смета дека не може поинаку да се носи со ситуацијата одошто да се самоубие. Самоубиства во затвори се типичен пример за т.н. фаталистичко самоубиство.
Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов