Мајчинството и родителството општо, е една од улогите за која секој поединец се подготвува на различен начин. Се зависи од тоа како ги разбираме одговорностите, како реагираме на стрес, но и од нашата животна ведрина.
Раѓањето на детето е посебен настан во животот на секој родител и семејство. Но, до периодот на пристигнување на бебето на свет, постои долг процес на подготовки за тој момент, низа работи кои како идна мајка треба да ги направиме и да придонесуваме за растот и развојот на нашето бебе, а секако тоа е проследено и со низа грижи околу тоа дали се ќе биде во ред на крајот од нашата бременост.
Иако бременоста е индивидуално искуство за секоја идна мајка, ова е периодот во кој ќе слушнете најмногу совети, информации и полуинформации околу тоа што треба, а што не да правите. Понекогаш само излегувате од дома и луѓе кои прв пат ги среќавате во автобус, на улица или во маркет се чувствуваат слободни да ви делат бесплатни и добронамерни совети од типот: Чувајте се, Јади за двајца, Користи ја бременоста да одмараш повеќе, Спиј додека можеш и сл.
Иако бременоста е посебна состојба во која жената се наоѓа и е убаво да се потенцира нејзината заслуга за носење на нов живот на светот, сепак впечатокот е дека многу често се претерува со потребата да се потенцира таа „поинаква“ состојба во која жената се наоѓа.
Многу од жените се идентификуваат со советите и мудро ги прифаќаат сите насоки кои им даваат привилегиран статус, што е сосема легитимно, но често индивидуалниот избор на дел од трудниците го зајакнува општото убедување дека трудниците имаат помалку енергија, не се ефикасни, им се забранува напорна работа и многу активности бидејќи тоа им штети нив или на бебето.
Сепак вистината е сосема поинаква, дел од жените во нормална бременост чувствуваат многу повеќе елан и желба за работа и се многу проактивни. Ова е можеби првиот период од вашиот живот кога сфаќате дека имате ЗА КОГО да се борите да му оставите подобра иднина и секако новиот живот ви дава повеќе одговорности и смисла да бидете активни и да давате поголем придонес.
Бремените жени се обесправени во неколку аспекти во однос на погрешните претпоставки врз кои се заснова општата перцепција.
- Бременоста е посебна состојба, но не бара посебен здравствен, а уште помалку општествен третман
Бремените жени не се болни, доколку е така, трудниците ќе беа во болниците. Секако овде зборуваме исклучиво за нормална и уредна бременост.
Иако во текот на бременоста пожелно е да се придржувате до одреден начин на исхрана и суплементација, тоа не значи дека ви е потребен посебен здравствен, а уште помалку општествен третман. Во суштина бремените жени можат да го прават истото што и небремените со мали организаии на својата чинија кои инаку ги правиме и за време на постовите, за време на диетите или други поводи.
Начинот на исхрана и животните навики на трудниците се само избор и во суштина мал е бројот на навики кои треба да ги смените или намирници кои треба да ги ифрлите од листата за време на вашата бременост. Малото придржување до здравствени совети не прави никаква разлика помеѓу бремена жена и жена која е на пример професионален спортист.
- Бременоста не е норматив
Многу често жените се изедначуваат со нивната мајчинска улога и се претпоставува сосема погрешно дека секоја жена е мајка или ќе биде во иднина.
Поради таквата општоприфатена перцепција, многу жени имаат отпор кон бременоста бидејќи сметаат дека општеството им наметнува еден присилен норматив. Вистина е дека општествените перцепции знаат да бидат сурови, но надвор од нив мајчинството е избор кој го правите само и исклучиво вие.
Само вие имате право и слобода да одлучите прво ДАЛИ ќе бидете мајка, а потоа и КОГА ќе бидете мајка и колку дечиња сакате да имате.
Се додека сте одговорен родител и никој не страда поради вашите одлуки, имате слобода да ги носите сами без да побарате ничие мислење, а уште помалку дозвола.
- Местото на бремените жени не е во кревет, пред ТВ со огромна чинија пуканки во рака!
Иако во бременоста, се препорачува редовен одмор, што е правило број 1 и на здравиот живот воопшто, на бремените жени не им станува буквално ништо ако измијат чинии после ручек, работат 8 часа или подигнат нешто потешко од чаша со вода!
Секоја бременост е индивидуална, но голем број жени не чувствуваат здравствени тегоби во бременоста и апсолутно ништо не ги спречува да продолжат да водат идентичен живот како пред бременоста.
Многу е важно да сфатиме дека бременоста не е проблем и дека таа не му пречи ниту на нашето здравје, ниту на нашата работа, а уште помалку треба да ни пречи на нашиот социјален живот.
Колку повеќе навики задржиме од нашиот живот од пред бременоста, толку понормално ќе ја разбираме нашата состојба и ќе уживааме во неа.
- Бремените жени не бараат привилегии
Сосема во ред е да станете од автобуското седиште доколку пред вас се појави бремена жена. Тоа е дел од домашно воспитание и покажување грижа за другиот. Но бремените жени не бараат да бидат привилегирани на ниту еден начин. Напротив тие можат самостојно да обавуваат куп работи за себе и за своето идно бебе и бараат само да не ги гледате како помалку способни само затоа што се бремени.
Доколку некому му треба помош ќе го побара, а и не мора бременоста да е причина за пружање и барање помош. Просто соработката и помошта се дел од секојдневната комуникација и социјална интеракција.
Автор: Магдалена Стојмановиќ