Светската здравствена организација (СЗО) денеска препорача многу построги ограничувања за загадувањето на воздухот.
Новите Глобални упатства за квалитет на воздухот се построги, на пример, од правилата на ЕУ.
СЗО посочува оти истражувањата покажале дека слабиот квалитет на воздухот е многу поштетен за луѓето отколку што се мислеше.
– Загадувањето на воздухот е закана во сите земји, но најтешко ги погодува луѓето во земјите со низок и среден приход. Новите упатства за квалитет на воздухот на СЗО се практична алатка заснована на докази за подобрување на квалитетот на воздухот од кој зависи целиот живот. Ги повикувам сите земји и оние што се борат да ја заштитат нашата животна средина да ги користат за да ги намалат страдањата и да спасат животи – рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Гебрејсус.
Честичките од прашина и азот диоксид (NO2) се едни од најопасните загадувачи.
Загадувањето на воздухот, исто така, игра улога во пандемијата на коронавирус, додава СЗО.
Луѓето со респираторни заболувања поради слабиот квалитет на воздухот, се изложени на поголем ризик да се разболат сериозно, ако се заразат со коронавирус, отколку здравите луѓе.
Секоја година, според проценките на СЗО, 7 милиони луѓе умираат предвреме од загадување на воздухот.
Загадувањето на воздухот може да му наштети на развојот на белите дробови кај децата и да ги влоши симптомите на астма.
Кај возрасните, може да предизвика срцеви заболувања и мозочен удар.