Христијан Тодоровски-Карпош е роден во Куманово на 3 септември 1921. Тој е истакнат македонски комунист и истакнат македонски партизан од НОВ. Бил прогласен за Народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов – Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Мирче Ацев и Кузман Јосифовски – Питу).
Во 1941 година учествува во прибирање на оружје, растурање на памфлети и дистрибуција на билтенот „Дедо Иван“, кој бил издаван од страна на градската партизанска организација.
Се истакнал како организатор на Народноослободителната антифашистичка војска на Македонија (НОАВМ). Бил член на Козјачкиот партизански одред од 12 октомври 1941 година и член на партизанскиот штаб од Куманово.
Откако одредот бил разбиен, преминувал во Вториот јужноморавски одред и Кукавичкиот одред, наизменично (1942-43).
На 26 јуни 1943 година станал командант на Кумановскиот партизански одред, коj постепeно нараснувал и на 1 декември 1943 година бил официјално преименуван во Прв кумановски баталјон „Јордан Николов – Орце“.
Бил убиен од страна на бугарскиот окупатор на 7 февруари 1944 г. за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско.
Во негова чест се испеани неколку партизански песни: „Битка се бие кумановско поле“, „Давај ме, мила мамо, давај ме“, „Горо ле, горо зелена“ и „Марш на Трета македонска бригада“.