Штипското Инфективно одделение од септември се проширува. Новата мотнажна болница, која до септември ќе се отвори ќе има капацитет за дополнителни 50 пациенти.
Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев на денешната прес-конференција истакна дека петте модули, од кои секој модул има капацитет за 10 кревети, ќе се сместат меѓу детското и инфективното одделение.
– Утринава имавме состанок со градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски и стручни служби од општината за да се утврди локацијата, каде да се постави монтажната болница, со цел до неа да има инсталирано и водовод и канализација. Избрана е оваа, над детското одделение и на неколку метри од Инфективниот оддел, вели Ѓеорѓијев.
Тој истакна дека медицински кадар имаат и за оваа болница, во неа ќе бидат ангажирани кардиолзи, анестезиолози, интернисти, медицински сестри и друг помошен здравствен персонал од останатите одделенија. Во моментов на Инфективното одделение се хоспитализирани вкупно 54 пациенти, од кои најмладиот пациент има 24 години, а највозрасниот има над 80 и доаѓа од Домот за стари лица во Радовиш.
Монтажни болници се очекува да бидат поставувани во градови кои се најпогодени од епидемијата особено за периодот од септември кога експертите најавуваат нов бран.
Извор: Канал5