Европската Комисија денеска го презентираше новиот закон за слободата на медиуми, чија цел е да се ограничи политичкото влијание и да се заштитат новинарите, јави дописничката на МИА од Брисел.
Комисијата денеска на маса стави низа нови правила за заштита на плурализмот и независноста во медиумите, приватните и државните во ЕУ. Иако овие правила се однесуваат на земјите членки на ЕУ, од земјите кандидати се очекува да ги интегрираат во своите закони и пракси, најави еврокомесарката за транспарентност и вредности на ЕУ, Вера Јурова.
Со новото законодавство треба да се стави крај на политичкото и партиското влијание во медиумите за да можат новинарите да работат слободно, а под лупа е и државното рекламирање.
Земјите членки ќе имаат обврска да ја почитуваат слободата на медиумите и заштитата на изворите, а сопствеништвото ќе мора да биде транспарентно.
Што се однесува до државните и јавните медиуми, нивното финансирање ќе мора да биде соодветно, стабилно, предвидливо и да обезбеди независност.