Ивана Јанева е авторка на книгата „Зборовите на безгласната девојка“ која излезе од печат ова година во издание на „Заеднички шепотења“. Книгата е беселер во најава и реакциите на публиката засега се реакции на воодушевување.

1. Книгата „Зборовите на безгласната девојка“ е еден вид на дневник, на интимна исповед, но содржи и длабоко филозофско разбирање на љубовта и однос на жената кон мажот, кон сопствениот род и кон животот воопшто. Каква порака пренесува ова книга на читателите?

– Порака за тоа како првин да се почитуваме себе, за некој да не почитува нас. Како да бидеме истрајни, храбри. Како да грабаме од животот – максимум.

2. За која публика ја препорачувате книга и на која категорија луѓе најмногу може да им користи и за што?

– За сите освен децата. Тие се уште не можат да ја сфатат тежината на зборовите. Содржината на книгата може да послужи како некаков водич за одредени луѓе во одредени ситуации и периоди од животот.

3. Во која мера е Ивана како авторка „Безгласната девојка“ како лик во книгата?

– Најдобро умеам со зборовите. Најчесто пишаните. А позади таа безгласност овој пат се крие моќ. Се поистоветувам со сите улоги што ги креирам. Понекогаш сум херој, понекогаш жртва.

4. Да можеш да ја опишеш „Безгласната девојка“ со три зборови, кои би биле тие?

– Тврдоглава, упорна, перфекционист.

5. Каква промена ќе донесе книгата во твојот живот, а каква во животот на оние кои ќе ја прочитаат?

– Ќе ми донесе животна промена. Исполнување на животна желба. Поголема самодоверба. А на читателите ова купче хартија ќе им промени перцепција за одредени дејствија, луѓе и периоди од нивниот живот. Тие ќе се на мое место (со одлуките), како што сум јас на нивно место, пишувајќи ги приказните. Нивните.

6. За крај каква порака ќе им испратиш на сите – гласни и безгласни девојки, кое треба да биде нивното мото и цел?

– Бидете храбри. Свои. Со став. Бидете хероини на својот живот. Бесполезно сте гласни ако нема кој да Ве чуе а безгласноста ја губи моќта ако нема кој да ја разбере. Промената се случува само на оние што се спремни да ја прифатат.

Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ