Сите ние сме генерално слични, сите луѓе околу вас може да бидат тотално различни личности, со сопствени потреби и желби, со идеали и морални вредности, или без нив, но сите длабоко во себе сакаме една и иста работа, да бидеме среќни.
А во обидот да бидеме среќни, налетуваме на првата препрека што сите ние некогаш во животот сме ја доживеале, мислејќи дека за среќа е потребно многу материјално богатство (многу пари, скапи коли, живот на висока нога, јахти, што не… со мислата, ех, само уште ова да го имам и ќе бидам среќен) други пак мислејќи на човечките односи, среќата ја бараат во чувството на припадност во група и прифаќање од една или повеќе личности, при тоа моделирајќи ја сопствената надворешна проекција спрема тие туѓи репери (кои никогаш не се јасни и објективни, туку зависат од перспективата) некој смета дека среќата ќе им ја донесе потомството, некој смета дека најголема среќа им претставуваат живите родители… и така натаму… и кога ќе го разгледаме сето ова, ќе дојдеме до една шокантна вистина, најголем дел од нас среќата ја бараат надвор од себе, и затоа скоро никогаш не ја наоѓаат (или никогаш не се доволно среќни) затоа што секогаш има некој со повеќе пари, подобра кола, повеќе пријатели, повеќе деца, подобри родители… итн.
Втората пречка е дека за среќа е потребно навистина малку. Повторно тука секогаш главната улога ја има некој екстерен фактор, кој не спречува да бидеме среќни. Среќата не е квантитативна категорија, значи апсолутно е небитно дали нешто се има малку или многу… не е битно ни дали нешто се има воопшто. Среќата е квалитативна категорија, која се дефинира тешко, затоа што доколку прашате 100 различни луѓе, ќе добиете 100 различни дефиниции за среќа.
Тогаш прашањето е дали е воопшто можно да бидеме среќни? Одговорот на ова прашање е толку едноставен, затоа што сите знаеме дека барем еднаш во животот сме биле среќни, вистински среќни. За да се обидам да го доловам ова и да сепак не звучи како евтина self help квота, мораме да разграничиме една раабота, среќата е чувство, чувство кое нема многу врска со реалниот свет околу нас. Ова чувство се раѓа, постои и исчезнува во нас самите, вистинска уметност е да се задржи подолго и уште поголема уметност е да не му дозволиме на нашиот мозок да почне да го преиспитува тоа чувство, да го сецира и анализира, се до тотално исчезнување на истото. Во овој животен стил (на повеќето од нас наметнат) со брза храна, кратки рокови, брз секс, брз интернет, брзи информации и брзи пари, ние заборавивме да застанеме и да уживаме во едноставните нешта, а токму тие се основната суровина која не носи во состојба на среќа.
Можеби овој период на нужна социјална дистанца, на затвореност и внимателност, креирајќи нови конекции (некои виртуелни, други реални) на дел од нас ни дадоа можност да ги преиспитаме нашите вредносни системи, да се запрашаме што навистина не прави среќни. Да се создадат нови мали мигови кои не исполнуваат, да почнеме да уживаме во едноставноста на бакнежот, во отворената комуникација, во готвењето и уживањето во вкусовите, да уживаме во прегратката, дури и да уживаме во исчекувањето на истата, кога сме спречени да ја споделиме со некој кој ни значи.
Да, за среќа никогаш не е потребно ништо конкретно, среќата е тоа топло чувство кое ви се создава околу срцето, кога сме ние тие што сме, и ќе си дозволиме да сме ранливи и чувствителни, зошто тоа е какви сме ние луѓето, колку и да ставаме маски за различни пригоди, длабоко ние сме емотивни суштества, кои се способни за емпатија, за љубов, за страв, за среќа.
Доколку треба да извлечеме една поука од ова, тоа е да си дозволиме да бидеме среќни, со сите наши мани, проблеми, недоречени нешта, со сите наши трауми и животни тежини, да си дозволиме да не направат среќни миговите исполнети со љубов. Да се љуби е да се биде среќен. И најлесниот пат до среќата е љубовта. Не секогаш мора да бидеме лудо заљубени (да, кога тоа се случува, среќата е немерлива, бескрајна, длабока) но секогаш можеме да си го исполниме срцето со љубов, онаа едноставната, кога ќе ви ја растегне устата во насмевка, која ќе ви го врати сјајот во очите, онаа истата безусловна љубов која сите нас не прави бестрашни. И во светот каде единствената вистинска валута е времето (зошто само тоа навистина се троши, без можност за заработка на време) да се сака безусловно, длабоко и вистински е единствената мудра работа која може да ја направиме. За среќа, среќата не е некаде таму далеку, недостижна, таа е во секој од нас, и чека да биде разбудена, со еден поглед, со еден збор, со еден бакнеж.
Автор: Миодраг Константинов