Европската Комисија денеска усвои нови правила со кои се дозволува безбедна пластична амбалажа да дојде во контакт со прехранбени производи.
Според Европската Комисија новата регулатива усвоена денеска воведува јасни правила за употреба на рециклирана пластика кога станува збор за пакување на храна и треба да ја зајакне одржливоста на прехранбениот систем согласно Акцискиот план за циркуларна економија.
Извршниот потпретседател на Комисијата, Франс Тимерманс, изјави дека ова ќе помогне за градење целосно циркуларна економија и намалување на пластичниот отпад.
Пластиката е корисна за да се сочува храната, но нејзината употреба мора да биде одржлива. Денешните правила ќе им овозможат на производителите да користат повеќе рециклирана пластика во амбалажата за храна, ова е важен чекор кон безбедна и одржлива употреба на рециклираната пластика во прехранбениот сектор, рече Тимерманс.
Еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес, од своја страна исто така даде зелено светло, велејќи дека ЕУ треба да има правила за производство на безбедна рециклирана пластика.
Со околу 50 отсто пластична амбалажа во ЕУ која се користи за прехранбени производи, мораме да се осигуриме дека секторот ќе премине кон поодржливо производство на храна, а употребата на повеќе рециклирана пластика е клучна да се постигне ова, изјави еврокомесарката.
Со новите правила и се овозможува на индустријата да воспостави соодветни начини за рециклирање на пластиката која не може моментално да се користи за пакување на храна, и да се користат безбедни рециклирани пластични материјали. Правилата ќе и овозможат и на Европската власт за безбедност на храна да има појасен основ за евалуација на одржливоста на технологиите за рециклажа и безбедноста на рециклираната пластика во амбалажите, изјавија од Европската Комисија.
Благодарение на новата регулатива се очекува да биде постигната и обврзувачката цел од 25 отсто рециклирана пластика во шишиња од полиетилен.