27ми април 2017 година е симбол на неказнивост на нападите кон новинарите, запаметен како црниот четврток за новинарите во Македонија, кои настрадаа за време на упадот во Собранието на РСМ.
Тоа е причината заради која денеска, на 2ри ноември на „Меѓународниот ден за запирање на неказнивоста на нападите кон новинарите “, пред Основното јавно обвинителство во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), беше одржана прес конференција на која се обратија Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ, Павле Беловски, претседател на ССНМ и новинарката Душица Мрѓа во присуство на своите колешки и колеги.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски потсети на насилството врз нoвинарките, новинарите, фоторепортерите и снимателите, врз граѓаните, а воедно и врз уставот кое се случи тој ден: „Денеска сме овде да го изразиме нашиот протест, среде уште една политичка драма, но време е да ја адресираме вистинската криза која трае и го обележува нашиот тридецениски опстанок … Таа не е политичка, таа е криза на правдата, таа е криза на правосудниот систем, кој секогаш беше инструмент за спречување или поттикнување нови општествени трауми.
А што добивме ние од 27ми април – ние добивме уште една порака дека сме спречени да ја водиме нашата работа онака како што граѓаните заслужуваат. И не сме овде за да бараме солидарност од граѓаните, туку стоиме освестени дека ова е наш заеднички проблем, на нас новинарите и на јавноста на која треба да и служиме. Не може да се случат суштински општествени промени, ако судството и медиумите не се ослободат од политиката, ниту пак можеме да им служиме достоинствено на граѓаните. Затоа е ова должност на сите и затоа инсистираме на правда. Правда за 27ми април и заради нас и заради оние кои ги претставуваме и заради кои постоиме – граѓаните“ изјави Чадиковски.
Се обрати и претседателот на ССНМ, Павле Беловски кој рече: „Од настаните од 27ми април пратениците ја добија правдата, а правдата за новинарите извиси. ЗНМ и ССНМ како партнерски организации не се поколебаа и повеќе од 5 години работеа на идеја како преку законско решение да се стави крај на насилството врз новинарите. Но, за да зборуваме за тоа кои би биле нашите придобивки од законските измени во кривичниот законик, да се вратиме малку наназад. Поминаа точно 5 години и една недела, како нашата медиумска екипа и јас бевме нападнати и тоа одекна во јавноста. Една година потоа новинарската екипа на А1 беше нападната на плоштадот Македонија. Бевме во политичка криза и граѓаните на нас гледаа како на мета за да испратат порака, за жал порака со тупаници.
Токму затоа ЗНМ и ССНМ не се поколебаа и иницираа промени во кривичниот законик со кои идејата беше да се стави крај на нападите врз новинарите, односно да се санкционираат нападите како напади на службено лице. И денес, после 5 години не можеме да зборуваме дека имаме процесуирано таков случај бидејќи законот е се уште во Собрание и не е донесен.“
Новинарката Душица Мрѓа истакна да не се заборави 27ми април, црниот четврток каде новинарите беа напаѓани од сите страни:
„Пред 4,5 години јас бев првата новинарка која што даде исказ овде во Јавното обвинителство. 4,5 години потоа мојот напаѓач во Собранието не е ниту идентификуван, а камо ли да има постапка за него. За разлика од тоа, напаѓачите на политичарите се осудени, дел правосилно, дел неправосилно, на дел им се намалија казните, а дел беа амнестирани согласно политичките пазари кои што се направија. Да биде апсурдот уште поголем, ние самоиницијативно, со поддршка на ЗНМ и медиумските здруженија покренавме свои тужби. И видете ја иронијата во Макединија – судиите не омаловажуваа, не навредуваа дури на дел од колегите им го оспоруваа правото и прашуваа дали воопшто биле новинари, а сите не прашаа што сме барале на 27 април во Собранието.
Јас само сакам на да им одговорам, се надевам во име на сите колеги кои што на 27 април бевме на крвавиот четврток во Законодавниот дом и во тој злогласен прес центар, ако заборавиле што гледале на телевизија, ние бевме тие што известувавме, нашите екипи праќаа снимки и извештаи. На 27 април во Собранието, новинарите ја спасија државата. Одговорно тврдам дека да не бевме толку гласни колку што бевме, со целокупниот терор со кој се соочивме, 27 април ќе завршеше многу покрававо со жртви. Токму затоа 27ми април и крвавиот четврток не смее да се заборави – правда за новинарите мора да има!“
ЗНМ и ССНМ ги повикуваат институциите сериозно и ефикасно да ги истражат сите напади на новинарите и одговорните да ги казнат. Без таков одговорен однос на институциите нападите ќе продолжат и ќе станат поагресивни, а ова може да го доведе во прашање и животот на новинарите. Институциите треба да разберат дека напад на новинар, во исто време е напад и врз слободата на говорот, правото на граѓаните да се информираат и демократијата воопшто.
Овој настан на ЗНМ и ССНМ беше дел од глобалната кампања за борба против неказнивоста на нападите врз медиумските работници организирана од Меѓународната федерација на новинари.
фотографија: Роберт Атанасовски
*Уредникот на порталот „Мој збор“ е член на „Здружението на новинари“.