Луѓето планираат да возат повеќе во иднина отколку што тоа го правеа пред пандемијата на корона вирус, сугерира истражувањето, иако огромното мнозинство ја прифаќа човечката одговорност за климатската криза.
Очигледната дискрепанца меѓу верувања и активности предизвикува страв дека без силна политичка интервенција, овие активности може да ги поткопаат напорите за исполнување на целите утврдени во Парискиот договор и надежите за зелено закрепнување од кризата со корона вирусот.
Приближно 26 000 луѓе во 25 земји беа анкетирани во јули и август од страна на Проектот за глобализам YouGov-Cambridge, во истражувањето дизајнирано со Гардијан.
Со сооднос повеќе од три спрема еден, испитаниците се согласија дека човештвото главно или делумно е виновно за климатските вонредни состојби.
Ова широко распространето признание за науката веројатно ќе ги зајакне повиците за поамбициозни меѓународни напори за намалување на индустриските и земјоделските емисии на јаглерод диоксид и други стакленички гасови што ги интензивираат глобалното загревање и екстремните временски прилики, како што се бури, поплави и суши.
Меѓу земјите со најсилна поддршка за ова научно докажано гледиште беа Велика Британија (86%), Кина (87%), Јапонија (85%), Бразил (88%) и Шпанија (87%).
Најслаби беа сите нафтени држави, иако дури и во овие земји – кои многу се потпираат на продажба на фосилни горива – значително мнозинство ја призна улогата на човештвото во нарушувањето на климата. Саудиска Арабија беше на дното со 57%, потоа Египет со 67% и САД со 69%.