Збирката научнофантастични раскази „Денот кога заборавивме да плачеме“ на Магдалена Стојмановиќ, е обид читателот од доживувач и восприемач на книжевно дело, да се трансформира во критичар и свесен субјект кој ќе придонесува во воспоставување на стандардите при разликувањето на авторството создадено од вештачка интелигенција и авторство на човек.

Збирката раскази третира различни психолошки, етички и социјални теми преку проткаена критика на хуманизмот и предвидувања дека корозијата на хуманистичката парадигма ќе придонесе човекот токму од архивите поставени во софрверите на ВИ да се присетува на човечка емпатија, солидарност, автентично чувство, однос на должност, одговорност и потреба од акција.

Со однос на тоа што човекот најголем број од одлуките ги објективизира, па дури и преку создавање на вештачки јазици и математички прецизни операции, тој се откажува од субјективните, иманентни и интуитивни доживувања на праведноста, конечноста, односот кон сопствената егзистенција, љубовта кон другиот и сл.

Футуристички една од можните импликации е ВИ да ги покажува (за критичарите и симулира) доживувањата автентични за човекот во кој ќе се согледа тоталниот пораз на човечкиот род пред ВИ.

Меѓудругото причината за таквиот пораз е и релативизирање на етиката и ставањето на етиката и моралот низ разбирањето на мултикултуралниот свет. Недуалноста на етиката, придонесува во зголемување на човечката колебливост во носење на етички одлуки кои предизвикуваат акција и секако целосна пасивизација на човечкиот род пред какво било дејство.

Оваа книга претставува исклучителна можност да се види како еден македонски писател оживува текст кој има за цел да биде ставен на Тјуринговиот тест. Хетерогеноста на составот,
структурата, должината и предметот на овие приказни ја прави збирката предизвик за читателите да се обидат да направат разлика помеѓу двата типа на авторство, човечкото и
она генерирано од вештачка интелигенција (ВИ).

Додека софтверот за ВИ може веќе да генерира креативни уметнички дела, сè уште му недостасуваат емотивни и субјективни искуства што луѓето ги носат во своето литературно изразување. Делата генерирани од ВИ може да немаат иста длабочина на значење, емоционално влијание или културно значење како делата напишани од човек, стои во рецензијата на проф. д-р Анис Сефиданис.

Само еден од расказите во збирката не е напишан од човечки автор, туку е генериран од ChatGPT односно софтвер на ВИ. По зададените команди расказот генериран од софтвер на ВИ не се разликува многу од другите раскази кои се напишани од човечките автор, ниту по должина, ниту по форма, ниту по употреба на директни говори и формирање на ликовите и опис на амбиентот.

Улогата на читателот ќе биде да даде одговор, односно да пронајде кој од расказите е напишан од софтвер на ВИ. Доколку одговорите се повеќе, читателот е колеблив или не го даваа вистинскиот одговор, време е да се запрашаме дали човечки автор треба конечно и авторството, креативноста во пишувањето на книжевно дело да му го препушти на софтверот на ВИ, помагајќи го само процесот на давање идеи и сугестии за крајниот изглед на книжевното дело, како што уредникот тоа го прави со авторот.

Што се последиците? На ВИ ќе треба да и одредиме закон за заштита на авторски права? Или ќе треба целосно да се откажеме од говорот за авторство и човечката оригиналност во создавањето? Ако ВИ го замени човекот во поглед на креацијата, дали тоа значи дека може да го замени во најголем број сегменти кои се механички и оперативни?

И секако најважното прашање е каков однос ќе изградиме со ВИ? Дали тоа ќе биде однос на компетиција, соработка или паралелни светови во кои покрај употребата ќе биде манифестирана и злоупотреба чии граници за разлика од позитивната употреба, не се познати на човечкиот род и се надвор од неговата контрола.

Збирката научнофантастични раскази со наслов „Денот кога заборавивме да плачеме“ излегува од печат кон крајот на месецот, по што ќе биде промовирана пред македонската читателска публика.