Кога зборуваме за употреба на „јас“ во филозофска, односно психолошка смисла, говориме за две целосно различни научни тенденции. Во филозофијата интересот за „јас“ како категорија односно за јаството, се јавува во идеалистичките концепти и во вокабуларот на субјективистите. Според филозофските тенденции, јас односно јаство има јасно позиционирано значење во епистемологијата, односно во познавањето и се однесува на аспектите на субјективноста.

Во психолошка смисла, кога говориме за „јас“ зборуваме за персоналните аспекти на едно битие, односно за неговиот однос кон аспектите на другоста, кон себе, во развојна смисла и т.н. Затоа и покрај тоа што Фихте прв, во почетокот на 19тиот век говори за „јас“ во опсежна смисла, а Фројд тоа го прави повеќе од 1 век подоцна, нивните теории имаат случности и разлики.

 


  • Јас со големо „Ј“ кај Фихте 

Она што е впечатливо е тријадата која се споменува и кај Фихте и кај Фројд. Имено, Фихте, ја користи тријадата „јас“, „не-јас“ и „Јас“ со големо „Ј“ додека Фројд говори за „ЕГО“ како „јас“ за суперего и за ИД. Кај двајцата мислители е согледлива тријада во методичниот однос да се објасни јаството.

Според Фихте, јас со мало ј, се разликува од Јас со големо Ј, по тоа што едното е емпириско, додека другото е апсолутното Јас. Двете јас кај Фихте се единство, но не се поединечни. Јас со големо Ј е претпоставено во битието и тоа е надсетилно и надемпириско, но објективно засновано преку развојот кој значи откривање, додека јас со мало ј е поединечно и него го градат субјективните искуства.

Оваа разлика помеѓу јас со мало ј и Јас со големо Ј, Фихте ја прави со цел да даде одговори за трансценденталната филозофија во однос на природната. Според Фихте, објективното постоење на нештата, не смее да се заснова на трансцендентализмот, односно да се изведува преку субјективната свест. Објективното постоење на нештата е делумно трансцендентно, но фактот дека поединечните нешта имаат свои својства говори дека нивното објективно постоење не е засновано само во субјективната свест, туку се открива преку самосвеста, односно доаѓајќи го Јас со големо Ј.

Јас со големо Ј е една целина која не може да се изведе ниту од разумот, ниту од искуството, таа е претпоставена како почеток на јас и не – јас. Навидум оваа објаснување има намера да ги раздвои методолошките пропусти кои се јавуваат во поглед на ноуменалниот и феноменалниот свет (односно свет за нас и свет сам по себе), сепак тој има тенденција и да определи една апсолутна инстанца која е дел од човечкото битие во таа смисла што човекот делумно ја открива, а делумно патот до откритието го гради преку своето емипириско јас и разликување на тоа што е не-јас (се што не сум јас).

По многу основи може да се заклучи дека Фихте алудира на некој религиски догматизам, но една од причините зошто е протеран од Универзитетот во Јета е поради обвиненијата за атеизам. Тој говори за посебен однос помеѓу поединечната свест и самосвеста. Додека поединечната свест е важна да се разликува јас од не-јас, самосвеста е доаѓање до вистината, која не е ниту екстатична, ниту откровение, туку има развоен пат преку искуството и контактот со нејас.

  • Јас како „его“ кај Фројд 

Егото е механизам кој го притиска суперегото, како колективната свест вградена преку нормите и правилната на воспитанието и образованието и ИДОТ како нашиот нагонски и импулсивен дел. Според теоријата на Фројд, егото е во постојан конфликт со ИДОТ и СУПЕРЕГОТО. Тоа е оној момент кога на кутијата за цигари пишува дека се штетни за здравјето а луѓето повторно пушат, бидејќи ИДОТ преовладува и го активира „ТАНАТОСОТ“ односно нагонот за деструкција. Од друга страна постот е најголемиот доказ за тоа дека СУПЕРЕГОТО го надвладеало ИДОТ.

Егото кај Фројд е свесниот дел од човечкото битие во таа мерка кога човекот е свесен за сопственото постоење во однос на другите. И тој дел е искуствен затоа што човекот станува свесен за сопственото постоење, само тогаш кога се судира со постењето на другите. Во таа смисла она што за Фројд е егото, за Фихте е јас со мало „Ј“. Но во делот на суперегото и Јас со големо Ј кај Фихте, постојат суштински разлики.

Суперегото кај Фројд е повторно искуствено поставено преку воспитанието и образованието, додека Јас со големо Ј кај Фихте има надискуствена линија, односно неговото присуство во човечкото битие се претпоставува пред било кое искуство.

 

*И покрај тоа што станува збор за сосема различни теории, важно е да се направат споредби со цел да се нотира дека станува збор за исклучително комплексни теории за објаснување на јаството, на човечкото битие и се доказ за тоа дека човекот има многу поголема смисла, одошто таа што се наметнува денеска – да биде искуствено и сетилно битие.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов