Западниот Балкан ги брише границите преку иницијативата Берлински процес. Жителите од шесте земји од регионот ќе може да патуваат само со лични карти, а ќе се признаваат универзитетските дипломи и работните квалификации…
Германската шефица на дипломатијата потврди-поддршката од Берлин за европското досие на земјава ќе продолжи со несмалено темпо, поздравувајќи напредокот што го постигна Македонија за почнување на пристапните преговори.
–Владите од Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора се согласија за три договори за мобилност. Ќе се преминуваат границите само со лични карти, ќе се признаваат универзитетските дипломи, а работодавците ќе ги признаваат квалификациите на работниците, изјави министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок.
Македонскиот министер за надворешни Османи ја повторил заложбата на земјава како партнер за доверба и на НАТО и на ЕУ во регионов.
–Имав можност да се видам и со еврокомесарот Вархеји, кој даде исклучително добра вест за пакетот за енергетска поддршка кој ќе биде најавен со доаѓањето на претседателката на Европската комисија следната недела во Скопје, пред сè во снабдувањето со енергија и високите цени, изјави шефот на дипломатијата Османи.
На маргините на Берлинскиот процес, шефот на дипломатијата Османи се сретна и со бугарскиот колега Милков. Разговарале за исполнувањето на заедничките обврски од Договорот за пријателство.