Што ако едноставна пилула може да помогне во лекувањето на Ковид? Американските фармаколошки гиганти Мерк и Фајзер неодамна објавија охрабрувачки резултати од испитувањата на нивните орални лекови за пандемична болест.
Станува збор за таблети кои се земаат орално веднаш штом се појават првите симптоми на Ковид за да се избегнат потешките форми на болеста, а со тоа и болничкото лекување.
Овој тип на третман се бара од почетокот на оваа глобална здравствена криза.
По повеќемесечно истражување, Мерк и Фајзер објавија дека ја постигнале својата цел.
Мерк објави на почетокот на октомври дека бара дозвола за употреба во САД за својата таблета молнупиравир, а Фајзер го стори истото минатата недела за својот paxlovid.
Во двата случаи, тие се антивирусни лекови кои делуваат на тој начин што ја намалуваат способноста на вирусот да се реплицира, а со тоа ја забавуваат прогресијата на болеста.
Двете компании тврдат дека клиничките испитувања покажуваат дека употребата на лекови значително го намалува ризикот од хоспитализација.
Компаниите тврдат дека молнупиравир го намалува ризикот за 50 проценти, а паксловид за 89 проценти, иако стапките на ефикасност не треба директно да се споредуваат поради различните протоколи за тестирање.
Антидепресив кој веќе е достапен за јавноста, флувоксамин, исто така покажа охрабрувачки резултати во спречувањето на сериозни форми на болеста, според студијата на бразилските научници објавена во октомври во „Лансет“.