Дека патниците во автобусите не подлежат на никаква контрола во однос на почитувањето на препораката за носење на заштитни маски на лицето, потврдува и новото соопштение од ЈСП во кое отворено се апелира до патниците да се придржуваат до протоколите.
–Апелираме до сите граѓани, корисници на јавниот превоз да се придржуваат на препораките за заштита од ковид-19 при користење на превозот, односно во автобус да носат заштитна маска.Единствено со одговорно однесување на секој поединец, а имајќи предвид дека превозот секојдневно го користат илјадници граѓани, може сите да придонесеме во борбата против ширење на вирусот, пишува во соопштението од ЈСП.
Оттаму додаваат дека очекуваат нивниот апел да биде добронамерно прифатен и применет во интерес на колективното здравје.
Во изминатите неколку месеци медиумите известуваа за непочитување на протоколите за здравствена заштита во услови на епидемија низ автобусите во Македонија, што дополнително ја зајакна потребата на превозниците да апелираат на почитување на мерките.
Сепак, апелите и добрата волја на патниците не е доволна да се спроведат препораките, а засега редарски контроли и служби во автобусите нема. Тие се полни со патници кои се превезуваат без маски или со маски кои ги навлекуваат неправилно.