Со тесно мнозинство, 52 проценти „за“, 48 проценти „против“, Швајцарците на референдум одлучија да забранат покривање на лица во јавноста.

Одлуката исто така забранува облеки што ги носат муслимански жени како бурка и никаб, а забраната се однесува на јавни места како што се ресторани, спортски стадиони, јавен превоз или одење по улица.

Исклучоци би биле во религиозни места и од безбедносни или здравствени причини, како што се маски за лице што моментално се носат за заштита од ковида-19, како и за традиционални карневалски прослави.

Иницијативата за референдум беше покрената од Швајцарската народна партија (СВП), која ја поврза забраната за бурка со борбата против „радикалниот политички ислам што се шири низ Швајцарија“.

Сепак, швајцарската федерална влада (Бундесрат-Федерален совет) и големото мнозинство во парламентот во Берн беа против иницијативата, велејќи дека со тоа се решава маргинален проблем затоа што, според Универзитетот во Луцерн, никој во Швајцарија не носи бурка и само 30 жените носат никаб.