Иако денеска се популарни разни мотивациски говори, психолози кои ви делат совети како да живеете, хуманистичката парадигма во психологијата е оптимистична и таа ве насочува кон градење на стабилна и среќна личност, насекаде слушаме мудри синтагми за тоа што е животот и како треба да го живееме, проучувачите на историјата на филозофијата се запознаени со тоа дека овие совети, синтагми и животни мудрости не се новитет и денеска се занимаваме со она што народно се нарекува „измислување топла вода“.

Уште во античкиот период, се формирале т.н. школи или филозофски правци (од денешна перспектива – „правец“ е асинхрон термин) кои се занимавале со мудрост на живеењето. Античките грчки стоички школи се занимавале со прашањето за идеалниот тип на филозофот односно мудрецот и скоро целото свое дејство античките грчки стоици како од постарата така и од помладата генерација го посветиле на опис на изгледот на мудрецот кој треба воедно да биде и владетел.

Стоичката школа била доста прифатена и во Антички Рим со таа разлика што стоицизмот во Антички Рим се занимавал со конкретни совети за тоа како треба да живее секој еден човек без разлика дали е владетел или обичен човек. Па така, познати се говорите на Марко Аврелиј во кои тој како владетел во своите говори, на обичното население во Рим му дели совети за тоа како да постигне мудрост, смирение и среќен и исполнет живот. На некој начин Марко Аврелиј е демократската верзија од стоицизмот кој во античките грчки школи имаал поезотерични толкувања односно се манифестирал само во расправите помеѓу филозофите во затворени и нејавни кругови.

Стоицизмот како филозофски правец е еден од најпопуларните и најприфатените. Односно накратко, се она што популарно и лаички се знае за филозофијата, тоа е стоицизам. Стоиците, се занимаваат со прашања кои се однесуваат на практичната примена на филозофијата и тоа не во конкретни животни ситуации, туку како мудрост на живеењето воопшто. Затоа кога ќе кажеме дека филозофијата се занимава со животна мудрост, популарно мислиме токму на овие наследства кои стоицизмот и стоиците ги оставиле во филозофијата и кои денеска се најпознати.

Една од причините зошто стоицизмот е меѓунајпопуларните правци во филозофијата не е само затоа што е најконкретен и најприменлив, туку и затоа што е многу полесен за апсолвирање. Да се сфатат апстрактните филозофски концепти на битие, архе, гносис, апејрон и сл. потребно е повисоко ниво на апстракција. Да се разбере стоичкото четиво, значи човек да има „животно искуство“ зад себе и да ги применува стоичките формули за смирен, среќен и исполнет живот.

Под филозофски правец се смета збир на сродни интереси помеѓу група мислители кои дискутирале или твореле на одредени теми. Извор: pixlr.com

 

Неколку најзначајни лекции од стоицизмот:

  • За болката

Според стоиците болката не само што е составен дел од животот на еден човек, туку таа е неопходен и конструктивен дел. Стоиците се уверени дека човек кој нема болка или непријатност, не може да се занимава со обмислување на животот. Среќен човек е опуштен човек, кој вегетира и нема потреба да се занимава со суштински теми. Затоа стоиците ќе ве советуваат дека ако немате никаква болка во животот и никаква непријатност, да се ставите мало каменче во чевлите кое ќе ви создава непријатност, така ќе ја одржите будноста на умот и ќе размислувате како да наоѓате решенија за вашите животни проблеми.


  • За смртта 

Според стоиците смртта не е тема со која човек треба да се занимава. Односно смртта нема никаква врска со животот. Ниту еден човек нема непосредно искуство со смртта, па затоа и тоа искуство не треба да не плаши и да ни ја одзема енергијата од секојдневието. Како што би рекле стоиците – кога смртта ќе е тука, ние не сме, а кога ние сме тука, смртта не е. Така ние немаме никаква допирна точка со смртта и таа не треба да биде нашиот фокус (обратно од егзистенцијализам).


  • Криза 

Иако многумина го мешаат стоицизмот со егзистенцијализмот од модерната филозофија, овие два правци се дијаметрално спротивни. Додека за егзистенцијалистите кризата е стимул за откривање на суштината, за стоиците кризата е составен дел од животот кој има само секундарна и маргинална улога во живеењето. Затоа стоиците сметаат дека човекот треба да остане смирен во секоја ситуација. Спротивно на сократовската потреба да докажува и „истерува“ правда, стоиците сметаат дека смирението е доминација. Во моментот кога ќе покажете смиреност во кризни ситуации вие ја преземате контролата на ситуацијата и почнувате да управувате со неа. Стоиците сметаат дека умот треба да се исчисти од емоции и афекти како би можел да постигне максимална продуктивност, а во расправи и докажувањата умот не може да ги победи афектите и емоциите.


  • Социјален живот 

Според стоиците, социјалниот живот не е централна област во живеењето. Аристотел се чини дека ја пренагласи социјалната димензија на човечкото битие, кога го нарече суштество на заедницата. Според стоиците, човекот е суштество на заедницата и тој треба да остварува социјални односи, но човекот мора да знае што треба да прави кога е сам. Според стоиците кон другите луѓе треба да се однесуваме многу повеќе со должност и одговорност одошто да бараме права или привилегии. Еден татко или една мајка немаат родителски права, тие имаат родителски должности кон своите деца и кога должностите ќе ги надминат себичните перспективи на правата, ќе добиеме идеално општествено уредување.

Автор: Магдалена Стојмановиќ – Константинов

*Авторката е м-р по социолошки науки, диполнмиран професор по филозофија и новинарка