Она што може да се нарече барање стил во сопствениот ликовен приод на уметничката сцена и заземање посебно место во констелацијата на современите ликовни тенденции во Македонија претставува уметникот Симон Шемов (роден во Кавадарци 1941).

Сликарството на Шемов има спонтан карактер, чија смисла можеме да ја гледаме во динамиката, во непредвидливото, во говорот и значењето на визуелната нарација и продуктивноста на неговиот креативен печат.

Оптичкиот и декоративен ефект го доловува со користењето на рачно изработена хартија така што низ еден концептуализам создава иреална атмосфера што е блиска до фантастичното.

Со помош на екстатичното себеоткривање во медиумот на целулоза, вртоглаво и со специфичен естетски сензибилитет долги години експериментира и ризикува до одредени геометриски и лирски апстракции.

Следствено, низ неконтролираното и неизвештаченото истражување на овој медиум уметникот доаѓа до совршени визуелни сензации изведени во повеќе домени: цртеж, објект, иснталација, релјеф, графика, дигитален принт и др.

Она што е поразлично во овој жанр во однос на досегашниот приод во интегрирањето на различни стилови е користењето на целулозна пулпа на растенијата во креирањето на крајната визулена претстава, која впрочем е попозната како тн јапонска технологија нагаши-суки, но истовремено, и применува класична технологија на изработка на рачна хартија без употреба на хемикалии и лепливи супстанции.

Во неговото творештво се изразуваат повеќе моменти на игра и наклонетост кон синтеза во барање на стил, односно со својата мултимедијалност поминува низ своевидна инфантилна метаморфоза која води кон ослободување на креативната човекова личност.

Таквата синтеза ја постигнува со демистификација и примена на природни ароми на билки, природна и вештачка светлина, комбинира повеќе техники и дисциплини во едно исто остварување и сл.

Ваквиот контекст на околности е пресуден за формирањето на неговата уметничка личност во кој доаѓа до израз неговото интимно и непосредно доживување на стварноста, но исто така води и кон одредени асоцијативни современи појави во светската ликовна уметност, како што се амбиенталната уметност, оп арт, асамблаж, концептуализам, реди мејд и др.

Имено, сите овие правци кои ги имаат своите почетоци од дадаизмот го одредуваат првично неговиот став, меѓутоа трпат и одредени промени, бидејќи тука станува збор за сосема поинаков приод и третман на работите.

При подетална опсервација на неговите дела, главната тематика на која се задржува Симон Шемов е: психолошки гграфики врзани со одредени состојби на индивидуата, природни мотиви на ливади и шуми, анатомија на стебла, водопади, невести, сонца, космологија, археологија, пантеизам и богот Перун, охридски ангели, Охридско езеро и сл.

Во повеќе свои дела Шемов своето ликовно проседе го втемелува во детскиот принцип на визуелна поетика и користење на симболи со кои го формира ликовниот критериум и сознание.

При тоа, во лабораторискиот процес на реализација на неговата идеја значајно е да се споменат два моменти: како прво, тој не го користи медиумот како средство за производство или опредметнување на естетските и уметничките интуиции, туку како реторичка фигура со која говори за уметноста и нејзината рефлексивна сензација во сопствените граници; како второ, до стилски номадизам доаѓа низ една авторефлексија на самата уметност како создаден сопствен свет.

Исто така, со ефектот на прикажување на привидни фигури и симболи уметникот го иницира својот фетишистички и концептуален принцип во креирањето на целината. Симон Шемов со својата идеја и изведба несомнено претставува автор со луциден начин на приод кон делото, доловувајќи го нужниот хијатус помеѓу модернизмот и постмодернизмот, на негувањето на еден современ еклектизам кој цврсто го отсликува неговиот препознатлив стил кој опстојувал, опстојува и ќе опстојува во историјата на уметноста.

Автор: Марија Стојческа