Ако ги прашате странците кој е главниот град на Швајцарија, многумина ќе одговорат Цирих или Женева – и тоа не е без логика. Цирих е најголем и економски најважен град, а Женева е светски центар на меѓународни организации. Но, одговорот е погрешен. Интересно, формално погрешен е и одговорот Берн.

Иако во Берн се наоѓаат владата, парламентот и најголемиот дел од државната администрација, тој никогаш официјално не бил прогласен за главен град. Причината лежи во специфичната историја и федералната природа на Швајцарија.

Од 1291 година, државата се развивала како лабав сојуз на кантони без постојана престолнина. Во Страта швајцарска конфедерација одлуките се носеле преку Tagsatzung – собранија што се одржувале во различни градови.

Дури ни по француската интервенција во 1798 година и создавањето на Хелветската република, прашањето за престолнината не било трајно решено. Во тие години, таа „се селела“ меѓу повеќе градови.

Современата Швајцарија се оформува во 1848 година како федерална република. По граѓанскиот конфликт меѓу кантоните, било важно да се избегне концентрација на моќ. Затоа, на 28 ноември 1848 година, Берн бил избран како седиште на сојузните власти – компромисно и прагматично решение.

Други клучни институции намерно се распределени низ земјата: Сојузниот суд е во Лозана, кривичниот суд во Белинцона, а Народната банка има седишта и во Цирих и во Берн. Така, Берн е „сојузен град“ во практика, но не и официјална престолнина.

Овој внимателен баланс придонел Швајцарија да остане стабилна и успешна демократија – дури и без формално прогласен главен град.