Катерина Серафимовска (1972) веќе три децении е присутна на македонската книжевна сцена. Првата збирка поезија е објавена уште во 1991 година.
Членка е на ДПМ од 2001 година и е авторка на дванаесет досега објавени книги, меѓу кои и романите: „Забранет поглед“ (1999), „Насмевка со цимет“ (2016), „Поглед полн синило“ (2017), „Небото над реката Чарлс“ (2018), „Блесок на пролетта“ (2019), „Брезите што шумеа крај Темза“ (2021), и „Линија помеѓу две неба“ (2022).
Во интервјуто за Мој збор Серафимовска ни откри како се создава еден роман, за процесот на создавање на делото, за зародишот на идејата, за изборот на тема и подготовките што еден писател ги има пред да почне да го пишува делото. Од неа дознавме како еден писател ги нотира појавите и проблемите околу него и како пристапува кон нивна обработка.
Како ги избираш темите на кои ќе пишуваш? Дали ги обработуваш темите на кои сведочиш секојдневно или пристапуваш повеќе како мислител кој е засегнат од актуелните случувања во својата околина?
Серафимовска: Идејата за приказните ја црпам пред сѐ, од светот што нѐ опкружува и постојано нѐ подучува на разни животни искуства и мудрости, но и од својата богата внатрешна „духовна ризница.“ Мора да признаам дека темите никогаш не ги избирам случајно, туку мошне таргетирано и прецизно, некои од нив понекогаш се во симбиоза или заемно се преплетуваат.
Во секој случај, треба да има некој основен двигател на мислата, иницијална каписла од која што подоцна ќе се изроди цела една приказна. Тоа може, но и не мора да биде настан кој што е лично посведочен, спознаен или доживеан од мене. Доволно е мојата авторска интуиција да го препознае како појдовна точка.
Во мојот најнов роман, ,,Линија помеѓу две неба“ (издание на „Култура“, 2022 г.) се фокусирав на една современа тема што нè засега сите нас, а тоа е иднината на планетата каде што ние постоиме, како и борбата за спас на идните генерации во еден поширок контекст.
За сериозна и изискателна тема како оваа, морав добро да се подготвам и да истражувам, со оглед дека космосот како една (не)замислива целина ни нуди бројни предизвици. Во овој роман се осврнав и на некои други, прилично актуелни теми, како што се: астробиологијата, професионалниот и сексуален мобинг/насилство врз жената, сајбер тероризмот и хакирањето на научни трудови итн.
Да напоменам дека и покрај тоа, овде воопшто не станува збор за научно-фантастичен роман, туку за возбудлива семејна драма со неочекувани пресврти. Дијалозите меѓу протагонистите содржат борба на интересни ставови во кои се спротиставуваат доктрините на филозофијата и религијата, наспрема принципите и егзактноста на науката.
Ако можеш да избереш една генерална црта на твоите ликови како ќе ги опишеш со неколку зборови?
Серафимовска: Навистина би ми било тешко да одберам некоја заедничка црта, со оглед дека постои цела плејада на херои/хероини градени низ тридецениско творештво, а притоа, битисувањето на истите го сместив на различни меридијани, гледано од географски аспект. Во моите дела претежно доминираат уметнички ликови (сликари, актери, музичари, режисери и писатели), но имам и финансиски аналитичари, академски професори, архитекти, научници, астробиолози, филозофи на религијата, модели на долна облека, продавачи на книги, адвокати, доктори… и така натаму.
Сепак, би можела да кажам дека речиси сите главни ликови се необични и темпераментни личности, иако некои од нив се одликуваат со цврста волја и со јасна визија за својата иднина додека други тапкаат во место, или на редовна основа ги посетуваат своите советници–психолози.
И, се разбира, никој не е идеален. Во секој случај, секој еден од нив, го создадов со многу љубов и внимание. Можеби токму во тоа и лежи убавината на пишувањето… Романите „Забранет поглед“ (1999) „Насмевка со цимет “ (2016) и „Поглед полн синило“(2017) се трилогија за една семејна династија, која се развива со текот на времето, следејќи ја судбината и патот на три различни генерации кој што – во еден миг, се разгранува на три континенти.
Како пристапуваш на една тема, дали си субјективна и лична и пренесуваш дел од твоето искуство преку ликовите и дијалозите или си објективна и само го пренесуваш она што си го сознала и истражила во подготовката на романот?
Серафимовска: Понекогаш пристапувам субјективно и се потпирам на своите лични, можеби и на туѓите спознаени искуства. Мојата сопствена емоција – доколку е автентична и искрена, придонесува за севкупната топлина и за жарот на нарацијата.
Објективноста мора да постои за да го канализира сето тоа, да ги заузда емоциите на писателот, односно, да ги пренасочи во функција на успешно градење на романот како фикција.
Сакам да си поигрувам и со жанровите. Но, не сум еден од оние писатели кај кои што однапред е познато точно по кој редослед ќе се развива дејствието на книгата. Откако првично ќе го обмислам главниот лик на романот, подоцна тој или таа (херојот/хероината) се здобиваат со извесна самостојност и независност во однос на мене како автор.
Нивните индивидуални (физички, социјални и психолошки) карактеристики се вистинскиот патоказ, а јас само скромно го следам нивниот пат кој што ќе доведе и до конечен расплет.
На пример, во романот „Блесок на пролетта“ (издание на „Култура“, 2019) се осврнав на моралните дилеми на современиот начин на живеење, говорејќи за кармата и неверството, а посебно за комплицираниот однос на еден млад пар, длабоко потонат во суровите замки на брачната меланхолија.
Приказната се одвива во Париз и всушност, е една од оние во кои многу луѓе од нашето совремие би можеле лесно да се идентификуваат.
Колку е застапен женскиот лик во твоите романи и како го претставуваш? Дали сметаш дека има разлика во начинот на кој мажи-автори пристапуваат на женските ликови од жени-авторки?
Серафимовска: После дванаест објавени книги (првата збирка поезија беше во далечната 1991 година, издание на „Студентски збор“), одговорно би можела да кажам дека и двата пола ми се подеднакво застапени.
Како автор, често пати се ставам во улогата на еден маж и притоа зборувам во прво лице еднина, а тоа бара специфичен начин на градење на ликот. Се обидувам што е можно поверно да го доловам сензибилитетот на машкото размислување, начинот на говор и други важни детали.
На пример, Џејмс Смит-Сејлорс, главниот херој на романот „Небото над реката Чарлс“ (издание на „Култура“, 2019 г.) е еден исклучително талентиран џез саксофонист со потекло од Бостон, Масачусетс, соочен со драматични мигови од својот живот, кој со сите сили се бори повторно „да исплива на површината“ и да ја возобнови својата музичка кариера, но и сиот свој живот.
Можеби највпечатливиот женски лик до сега е професорката по астробиологија од Феникс, Аризона, проф. д-р Аманда Брајтон („Линија помеѓу две неба“).
Сметам дека еден зрел и солиден писател ревносно ќе се труди да го отслика секој еден од своите ликови, без оглед на нивниот пол. Доколку зборуваме за веќе изградени и искусни писатели, јас не би правела разлика помеѓу машките и женските автори.
Секој од нив има специфичен стил, дури и кај женските писатели некои од нив ја идеализираат жената и ја воздигнуваат на пиедестал, други, пак, се самокритични кон сопствениот пол. Добра книга е онаа каде што постои автентично отсликување на карактерите и кога читателот – од другата страна, би можел лесно да се соживее со ликот и пред сè, да му поверува, посебно со оглед на тоа дека станува збор за фикција.
Колку често ги пронаоѓаш карактеристиките на ликовите од твоите романи во луѓето што ги среќаваш и дали се асоцираш со ликовите од романите кога се реалните личности од твоето секојдневие во прашање?
Серафимовска: Попрвин би рекла дека кај мене, процесот се движи во обратна насока. Односно, карактеристиките на луѓето што ги познавам и среќавам во животот ми помагаат во илустрација на некои од моите литерарни протагонисти.
Во романите можам само делумно да позајмам извесна конкретна особина или нечиј специфичен модел на однесување при градењето на ликовите. Подоцна истите ги видоизменувам и ги прилагодувам согласно потребите, а сето тоа во функција на приказната за која пишувам и крајната замислена цел. Возбудлив процес, во секој случај.
Карактеристично за мојот начин на творење е што јас случајно поаѓам од една одредена точка (идеја) за романот и еднаш кога „ќе се родат“ ликовите, подоцна, тие самите се вплеткуваат себеси во заемни корелации. Така беше и со романот „Брезите што шумеа крај Темза“ (издание на „Арс Либрис“, 2021 г.).
Во овој конкретен случај, мојот главен машки лик – зрелиот професор по книжевност Е. Л. Адамски во мислите ќе се наврати на своето минато и спонтано ќе почне да ја раскажува приказната за својот (не)обичен живот. Во меѓувреме, низ водите на легендарната Темза – полека, но сигурно, ќе истечат цели четири децении. А сосема на крајот, нарацијата ќе го врати читателот назад, на појдовната точка. Станува збор за слоевит роман во кој се испреплетуваат љубовта и страста, амбициите, себепронаоѓањето и простувањето.
Како ќе го опишеш пишувањето – катарза, експресија, можност да се направи промена или креативен порив?
Серафимовска: Инспирацијата ја сметам за внатрешна побуда, која е неопходна за секој процес на креативно творештво. Односно, таа е духовно–ментална алатка без која ниту еден писател не би можел да твори, ниту, пак, да биде оригинален. Извира некаде длабоко од нас и за мене претставува нешто многу лично и автентично, како уникатен код на мојата духовност.
Пред сè, пишувањето го доживувам како начин еден човек искрено да ѝ се посвети на уметноста, пронаоѓајќи ја креативноста во самиот себеси. Тоа е еден неверојатен флуид, процес на необична ментална игра која се одвива некаде помеѓу реалноста и фантазијата. Најверојатно би можела да го идентификувам дури и како катарза, емотивно прочистување.
Или, сосем сигурно, како бегство од реалноста, негативните тенденции и од монотонијата на секојдневјето што нè опкружува, бидејќи творештвото бара „пловидба“ во некоја поинаква димензија/фрекфенција на мисловниот процес.
Дали се согласуваш со критиките на твоите романи и колку често забележуваш дека дидактичката порака од твојот роман и заклучокот не соодветствуваат со она што критичарот го нотира? Колку ти е важно како публиката реагира на твоите романи?
Серафимовска: Мислам дека за мене како писател е корисно, внимателно да се сослушаат зборовите упатени од критиката. Тоа не мора да доаѓа само од „експерти“ во литературниот домен, доволно е да бидат искрени забелешки упатени од страна на било кој читател. Читателот умее да ја процени тежината на делото, но и да укаже на слабоста и пропустите.
Во тој контекст, добро е да се прифати една добронамерна критика и во иднина, евентуално да се прифати сугестијата. Впрочем, и авторот созрева и се надоградува со текот на времето, брусејќи ја својата вештина на изразување.
Доколку без тронка пристрасност и над сѐ, објективно ги погледнеме состојбите на актуелната литерарна сцена во нашата држава, слободно може да се констатира дека речиси целосно отсуствува постоење на една издржана, професионална критика.
Затоа се обидувам будно да ја следам реакцијата на публиката. Интересно ми е да ги сослушам сите нивни впечатоци околу начинот на кој го доживеале одреден лик или дали им се допаднал крајот, потоа, кој карактер им бил највпечатлив и така натаму.
Добивам интересен фидбек и корисни податоци, токму преку размена на идеите за заплетот/расплетот на романот. Сакам да го слушнам мислењето и на најблиските членови од семејството и на некои драги пријатели, бидејќи верувам во нивната проценка. Во принцип, тие ми се најискрените критичари.
Дали се водиш од тоа да имаш бестселер приказна или едноставно ти е важно да напишеш дело и да му дадеш можност самостојно да биде пронајдено од публиката?
Серафимовска: Мислам дека секој писател, всушност, го објавува своето дело со цел тоа да стигне во рацете на што повеќе читатели и на тој начин, со нив да го сподели светот и ликовите кои што иницијално, самиот ги креирал. Токму во тој заемен процес на линија писател–читател, се создава една посебна и мошне уникатна алхемија од потполно нематеријален вид, освен фактот дека книгата интимно се восприема преку сетилата на вид, слух, допир, мирис итн.
Имајте на ум дека за разлика од киното (филмот) како медиум, во книгата, ние самите си правиме соодветна претстава за изгледот, харизмата, бојата на гласот, па и за другите карактеристики на ликовите за кои читаме додека се пренесуваме во нивниот свет, кој е соткаен од фантазијата.
Верувам во тоа дека делото самостојно може да биде пронајдено/препознаено од страна на љубителите на пишаниот збор, а врз основа на својот квалитет и содржината што ја нуди.
Публицитетот и маркетингот се можеби важни, но, не и пресудни алатки, гледано од тој аспект. Доколку еден писател се стекнал со своја верна читателска публика која пријатно респондира на неговата креација, тогаш постои не само логика, туку и мотивација за авторот како таков, да продолжи да твори. Во тој контекст, мислењето на читателската публика е од крунско значење.
Дали сметаш дека популарно четиво понекогаш е ефемерно и површно само затоа што авторот води сметка за тоа да им се допадне на поголем број читатели?
Серафимовска: Јас лично, секогаш се водам од тоа да создадам дело со препознатлив уметнички стил/сензибилитет кое што ќе поседува подлабоки вредности и јасно таргетирани пораки. За таа цел, се трудам да создадам лавиринт од веродостојни мисли, да им дозволам на зборовите да создадат свет соткаен од интензивен (и, пред сè) емотивен танц на протагонистите, кои ќе бидат – уште на прв поглед, препознатливи по своите лични, психофизички особености.
Затоа е толку битно како ќе ја доживеат читателите, бидејќи добрата книга е онаа што ќе успее „да ги допре“ луѓето однатре и да им остави силен впечаток.
Сведоци сме на неколку феномени присутни не само на домашната, туку и на светската литературна сцена. Би можело да се нотира дека тука е напливот на огромен број (потенцијални) писатели од најразлични профили, на автори од сите можни возрасти и тука лесно се провлекува таков вид на ефемерно, површно четиво без соодветни филтри.
Но, дали квантитетот нужно подразбира и квалитет…? Во нашето совремие постојат таканаречени „книжевни инфлуенсери“ и модели на (ин)директно рекламирање на објавените ракописи, преку наездата на социјалните мрежи. Според мене, тоа се негативните аспекти од модерниот свет каде што вистинската естетика на пишаниот збор „го губи здивот“ во трка со помодарството.
Од друга страна, во доменот на преводите се бележи значителен квалитативен напредок иако кај оваа стручна фела, за жал, отсуствува поголем превод на македонските автори во однос на странските дела. За поздравување е фактот што имаме сериозни читатели со цврстоизграден вкус, кои внимателно го одбираат своето четиво. Како и фактот што нашата читателска јавност во последните неколку години, сè повеќе се свртува кон делата на домашните автори.
Тоа е навистина многу убав и позитивен развоен тренд на интерес, и мислам дека и во иднина треба да се поддржуваат севкупните напори на издавачките куќи за негување токму на нашиот автентичен јазик и на прекрасната македонска реч во сите нејзини појавни форми, поезија, како и проза.
Интервјуто го спроведе: Магдалена Стојмановиќ