Второто полугодие во училиштата ќе започне со физичко присуство, бидејќи, како што денеска изјави министерот за здравство Беким Сали, епидемиолошката состојба го дозволува тоа, а Министерството за здравство ќе прави скрининг меѓу учениците по случаен избор.

Доколку се појави ширење на вирусот во одреден регион, општина или град, министерот најавува дека ќе бидат преземени мерки.

Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент затоа што епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1. февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки – рече Сали по посетата на вакциналниот пункт на Економскиот факултет во Скопје каде ја прими третата доза на вакцина.