Премногу долгото работно време е смртоносно за стотици илјади луѓе ширум светот и ова е тренд што може да се влоши со пандемијата на коронавирус, предупреди Светската здравствена организација.
Резултатите од првата спроведената глобална студија за смртност поврзана со прекувремена работа, објавена во списанието International Environment, покажуваат дека во 2016 година, околу 745 000 луѓе починале од мозочен удар или срцеви заболувања поради прекувремена работа, скоро 30 проценти повеќе отколку во 2000 година, пренесува Ројтерс.
– Работното време од 55 или повеќе часа неделно претставува сериозен ризик за здравјето. Ние имаме намера да го искористиме ова знаење за да поттикнеме акција и дополнително да ги заштитиме работниците – рече Марија Неира, директор на Одделот за животна средина, климатски промени и здравје.
Оваа студија, спроведена заедно од СЗО и Меѓународната организација на трудот во 194 земји, вели дека мажите на средна возраст сочинуваат 72 проценти од вкупниот број на жртви.
СЗО објави дека, во согласност со наодите од оваа студија, ќе се обиде да ги подобри своите работни регулативи.