Еден Македонец, во просек, го напушта домот на своите родители на 31,8 години, покажуваат податоците на Eurostat.
Постојат земји членки во ЕУ во коишто младите на многу помлада возраст го напуштаат семејниот дом: Шведска (17,8 години), Данска (21,1 година) и Финска (21,8 години), како и во Луксембург (20,1 година). Млади луѓе кои пред 25-тата година се осамостојуваат се и од: Естонија (22,2 години), Франција (23,6 години), Германија и Холандија (по 23,7 години).
Од друга страна, младите кои најдолго остануваат во домот на своите родители се оние од Хрватска (31,8 години) и Словачка (30,9 години). Таков е случајот и со младите во: Италија (30,1 година), Бугарија (30 години), Малта (29,9 години), Шпанија (29,5 години), Португалија (29 години) и Грција (28,9 години).
Како најчести причини поради кои младите го напуштаат семејниот дом е студирање или живеење со партнерот, како и нивното ниво на финансиска (не)зависност, услови на пазарот на труд, како и различни социјални и културолошки фактори.
Во просек, младите луѓе во ЕУ ја напуштаат куќата на своите родители на 26,2 години во 2019 година.
Само 4% од Данците на возраст од 25 до 34 години, во текот на минатата година, живееле со своите родители. Од друга страна, во Македонија дури 60,7%, покажуваат податоците на Eurostat.
Меѓу земјите членки на Европската унија со најниска стапка, по ова прашање се и Финска (4,8%) и Шведска (5,7%). Наспроти нив, највисок процент на млади, на возраст од 25 до 34 години кои живеат со своите родители, има во: Словачка (56,4%), Грција (57,8%) и Хрватска (62%).