Сигурно досега сте ја слушнале фразата која се прифаќа секогаш здраво за готово и се повторува со голема леснотија, а таа е дека мажите и жените имаат различен поглед на светот, односно секогаш различно ги доживуваат работите. И додека оваа општо мнение зазема големо место во нашиот секојдневен дискурс и се пренесува генерациски преку воспитанието и образованието на помладите генерации, во рамките на филозофијата се поставува прашањето – дали и зошто жените имаат различен поглед на светот. Филозофска дисциплина која се занимава со потеклото, начините, можностите и границите на човековото познание се нарекува епистемологија. Оваа научна дисциплина е особено предизвикувачка за филозофите од нововековната филозофија, преку емпиризмот и рационализмот, до модернизмот со феноменологијата и егзистенцијализмот. И денеска епистемологијата зазема клучно место во филозофските расправи, особено поради деконструкцијата и новиот скептицизам кон научниот метод кој го поставија постмодерните теории.
Епистемологијата денеска има задача да одговори кои се можностите на научниот метод и дали тој може да понуди факти кои се универзални и ги потврдуваат онтолошките законитости, или сепак научниот метод има свои ограничувања и заклучоците кои се изведуваат важат во ограничени епистемолошки полиња во ограничени и прецизно поставени услови.
Но што кога зборуваме за феминизмот како доктрина и феминистичкото стојалиште во однос на епистемологијата? Возможно ли е феминизмот да понуди научно објективни аспекти кои го збогатат диверзитетот на научниот поглед или сепак ќе продолжиме да веруваме во заблудата дека феминизмот е тука да им овозможи на жените некакви права кои тие реално не ги заслужуваат, а и некој проценил дека доволно ги имаат. Проф д-р. Боби Бадаревски се обидува да ги загатне токму прашањата кои се однесуваат на женскиот поглед на светот, односно се обидува да одговори – Дали постои ексклузивен поглед на свет кој го имаат жените и дали тој поглед на светот, може да направи промена во научните достигнувања?
Феминистичката теорија, тврди дека жените во рамките на својот род како социјална конструкција, имаат поразлични познавателни капацитети и на различен начин ги остваруваат тие познавателни капацитети од мажите. Сепак, постои една проблематична премиса која се провлекува во темелите на феминизмот, а таа е дека науката не е вредносно неутрална и дека научникот ги наметнува своите вреднувања и културен поглед на светот врз своите научни дејства и научни продукти. Оваа претпоставка не е само врзана за феминизмот, туку и за сите постмодерни теории кои прокламираат културен релативизам, општост која е постигната преку просечност, а не преку дедукција на некои универзални онтолошки закони и сл. Жените во рамките на својот род, градат посебни епистемички стојалишта кои произлегуваат од нивниот хабитус, социјалното дејствување, вредностите во кои се воспитуваат, институционалниот одговор во позиционирање на жените во општеството, како и диструбуцијата на општествените улоги. Феминистичката епистемологија е тип на епистемологија која има учество во градење на т.н. научни парадигми. Бадаревски, забележува дека феминистичката епистемологија не е нужно различна од епистемологијата воопшто, но сепак одредени карактеристики и нијанси во начинот на познавање на светот и работите произлегуваат од социјалниот статус на жените.
При историски поглед, може да се забележи дека науката без женската епистемологија тежнеела кон апсолутност и ригидност. Со учество на жените во науката и „револуција“ на научниот метод, науката стана порелативна, мултидисциплинарна и пофлексибилна. Феминистичката епистемологија и општественото учество на жените во креирање на јавниот и политичкиот живот, исто така на листата на важни прашања постави прашања кои се врзани за женското здравије, посебноста на жената како медицински субјект, како субјект на правото и сл. Па откука и заклучокот дека женската епистемологија како таква може да направи промени во поглед на науката и научниот метод, односно да отвори нови можности и правци во кои ќе се движи научното дејствување. Книгата „Вовед во феминистичка епистемологија“ претставува преглед на најзначајните теории низ историјата, а на општ начин се поставени и основните поими во рамките на феминистичката епистемологија, без чие разбирање не би можеле да говориме денеска ниту за научниот метод, ниту за важноста на родовиот идентитет во обликување на научната мисла.
Она што мене лично ми се допаѓа во оваа книга е конструктивизмот, наместо деконструкцијата. Бадаревски не тргнува кон деконструкција на родот, кој се смета за редуктибилен и ослободувањето од родовите карактеристики не значи слобода, туку нуди сосема поинаква дефиниција на слободата. Имено, со понудени можности да се разбере родовата припадност и родовиот идентитет, да се дејствува како активен субјект во правото, политиката, филозофијата и науката. Односно наместо жените, да сметаат дека треба „да размислуваат“ машки како услов да се занимаваат со машки дејности, дисциплини и професии, да понудат нов диверзитет преку својот род и да наметнат нови стандарди и правила во кои машкиот и досега доминантен поглед на свет ќе се изедначи со неговата различност женскиот поглед на свет.
Тоа значи дека жените не размислуваат, дејствуваат и создаваат во науката помалку или полошо од мажите, туку создаваат различно. Тоа различно не е помалку или повеќе добро, туку еднакво валидно. Демократичност во науката, како и во сите други дисциплини мора да има, бидејќи жените од пасивен објект на машкото креирање на нивните родови граници се претворија во активни субјекти кои сами ги презенитираат, сознаваат и поставуваат можностите за нивното родово дејствување. Уште една голема предност на делото е тоа што е напишано од автор кој е маж.
Да се разбере женската епистемологија, а при тоа да не се биде жена, е пример за научна објективност која може да се постигне и во ситуации кога зборувате за вредносни ориентации кои не ги живеете како жена, но можете со научна објективност да ги лоцирате, опишете, именувате и објасните. Од тука книгата не е авторефлексивно четиво на жена која тргнала во одбрана на својот род, туку научна анализа. Бадаревски успева да покаже дека феминизмот не е само доктрина која произлегува од женската перспектива, туку тој може да се третира и со вредносна неутралност и научна објективност. Затоа и тој како маж доволно вешто и научно издржано говори за женските теми.
Сепак, на читателот му препорачувам мала доза на резервираност доколку тргне кон заклучокот дека родот има силно влијание во начинот на кој го познаваме светот и дека тој како социјален атрибут, е единствено важен, или можеби на листата на најважните социјални атрибути кои учествуваат во генерирање на „различност“ во познавателна смисла. Родот се смета за збир од карактеристики кои се исто така варијабилни. Гиденс забележува дека, доколку признаеме дека родот има силно влијание во начинот на кој го познаваме светот, тогаш треба да ги уважиме и разликите внатре родот. Односно, црна жена има различна општествена положба од белата жена. И таа општествена положба секако помеѓу црната жена и белата жена создава непомирливи разлики кои имаат импакт и на начинот на кој овие две различни категории жени го гледаат светот. Родот може да се земе како варијабила и во однос на епистемологијата и науката, но со голема резерва, бидејќи и други социјални фактори се клучни во осознавање на непомирливи разлики внатре родот. Родот како социјален конструкт е релативен и зависен од општествените и културните фактори. Да се биде жена во Кина, не е исто како да се биде жена во Аргентина. Затоа кога зборуваме за родот, мораме повнимателно да се исчистиме од апсолутните претпоставки за тоа дека жената како род има некои универзални карактеристики. Сепак родот не ја постигнува истата универзалност како полот, токму поради својот внатрешен диверзитет кој е исцртан од специфичните општествени и културни фактори.
Книгата може да послужи како прирачник за студенти по филозофија, социологија, психологоија и родови студии. Таа е базата во запознавање со феминистичките теории, а особено со специфичноста во женскиот поглед на светот, која со филозофски термин се нарекува феминистичка епистемологија. Делото е база без која не можеме понатаму да поставуваме нови истражувачки хипотези и да спроведуваме истражување, ниту да говориме за современите текови во науката.
Автор: Магдалена Стојмановиќ