Матичните од Скопје затечени од одлуката дека ќе дежураат и во ковид амбуланти кои треба да бидат отворени во пет скопски поликлиники. Ова го тврдат од Здружението на приватни лекари според кое не е време за ваков проект на Комисијата за заразни болести во услови кога нема гужви и притисок од пациенти во ординациите.
Матичните лекари кои од наредната недела треба да започнат со работа во поликлиниките „Идадија“, „Јане Сандански“, „Чаир“, „Ченто“ и „Ѓорче Петров“, бараат Комисијата да се преиспита.
Од Здружението на матични лекари тврдат дека со ковид амбуланти во кои ќе работат тие, ќе се дестабилизира системот, па „ќе ги остават на цедило“ пациентите на кои здравствена помош не им треба поради ковид, туку за нешто друго.
Уште еднаш да размисли Комисијата дали е време за дестабилизирање на примарното здравство. Кога еден матичен ќе биде на смена и тогаш треба да дежура тогаш кој ќе ги третира неговите пациенти – вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.
Инаку, Комисијата по последниот состанок што се одржа вчера, епидемиолошката состојба ја оценија како стабилна, но појаснија дека сега притисокот останал на матичните лекари. Според нив, првично, со пет амбуланти во Скопје, со работа во две смени од седум ипол наутро до 19:30 навечер, во кои ќе дежураат матични лекари, ќе се решеле и проблемите на докторите, а и оние со недостаток на тестови.