Фармацевтските компании „Фајзер“ и „Бионтек“ велат дека две дози од нивната вакцина не обезбедуваат силна заштита од омикрон, па затоа наведуваат дека е потребна бустер доза. Извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, изјави дека на луѓето можеби ќе им треба четврта доза од вакцината против ковид-19 порано од очекуваното, откако првичните истражувања покажаа дека новата омикрон може да ја „поткопа“ заштитата од антитела создадени со вакцината што компанијата ја разви со „Бионтек“, пренесува „Си-ен-би-си“.
Зголемената доза веројатно ќе помогне за поголема контрола на коронавирусот, иако две дози обезбедуваат одредена заштита од сериозен тек на болеста, при зараза со омикрон, покажале лабораториските тестови, објави Вашингтон пост.
Бурла вели дека четвртата доза може да биде потребна 12 месеци по третата доза. Тој за американски медиуми изјавил дека периодот помеѓу дозите може да биде подолг. И еден од водечките научници во „Фајзер“ неодамна изјавил дека четвртата доза, која ќе биде насочена кон омикрон, веројатно ќе биде неопходна.