Од следната недела граѓаните во Англија повеќе нема да бидат обврзани да носат маски или да работат од дома.
Британскиот премиер Борис Џонсон изјави во Парламентот дека Владата ќе дефинира долгорочна стратегија за живеење со коронавирусот и порача дека граѓаните треба да бидат внимателни во последните недели од зимата, бидејќи пандемијата се уште не е завршена, пренесува Би-би-си.
Тој исто така рече дека сојот омикрон „не е лесна болест за секого, особено не за оние кои не биле вакцинирани“.
Тој најави и укинување на правилата за задолжително носење маски за средношколците во училниците, јавниот превоз и продавниците. Како што се наведува, останува во сила одредбата дека маските ќе бидат задолжителни за влез на одредени места.
Би-Би-Си наведува дека таканаречениот План Б, кој стапува на сила на 27 јануари, содржи и одредба дека на компаниите повеќе нема да им треба пропусница за ковид.
Ќе се ублажат и рестриктивните мерки за домовите за стари лица, а деталите ќе бидат објавени дополнително. Останува обврската секој што е позитивен на коронавирус да оди во самоизолација.