Во текот на 2025 година, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) изрекла вкупно 164 прекршочни глоби кон носители на јавни функции поради прекршување на обврските за пријавување на имотна состојба и судир на интереси.
Податоците објавени од Комисијата укажуваат на сериозен и континуиран проблем во почитувањето на законските обврски од страна на функционерите, но и на ограничената моќ на институцијата да обезбеди реална транспарентност.
Најголем дел од изречените глоби се во висина од 300 евра, во случаи кога функционерите не ја пријавиле имотната состојба во законски предвидениот рок или воопшто не доставиле анкетен прашалник. Дополнително, изречени се и глоби од 200 евра за случаи во кои Комисијата утврдила дека имотната состојба не е пријавена целосно, јасно и без прикривање на податоци.
Во потешки случаи, поврзани со судир на интереси, изречени се и глоби од 500 евра, особено кога е констатиран непотизам или кога функционер не се изземал од процес на одлучување, иако за тоа постоеле јасни законски услови.
На листата на казнети функционери во 2025 година се најдоа и имиња познати на јавноста, меѓу кои Александар Николовски, министер за транспорт и врски, Рашела Мизрахи, актуелна пратеничка во Собранието, Мартин Костовски од СДСМ, како и министерот за здравство Азар Алиу. Овие случаи дополнително го зголемија јавниот интерес и отворија прашања за степенот на политичка одговорност и интегритет во вршењето на јавните функции.
Согласно член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ДКСК има надлежност да изрекува прекршочни санкции и јавно да ги објавува имињата на функционерите кои направиле прекршок. Јавното објавување, според законодавецот, треба да делува превентивно и да ја зголеми отчетноста на носителите на јавни функции.
Сепак, практиката покажува дека изречените глоби не секогаш водат кон исполнување на законската обврска. И по казнувањето, значителен дел од функционерите не постапиле по насоките и препораките на Комисијата, ниту доставиле целосни и коригирани податоци за својата имотна состојба.
Клучниот проблем лежи во фактот што ДКСК нема дополнителни правни механизми за да следи дали пријавената имотна состојба кореспондира со фактичката состојба на терен. Комисијата не располага со истражни овластувања, ниту пак има можност самостојно да утврдува кривична одговорност во вакви случаи. Нејзината улога завршува со констатирање на прекршок и изрекување глоба.
Оваа институционална ограниченост отвора простор за злоупотреби и создава впечаток дека дел од функционерите ноншалантно ја сфаќаат обврската за пријавување на имот, дури и по добиена казна. Во таков систем, глобата станува цена што може да се плати, а не сериозна санкција што води кон транспарентност.
Без дополнителни законски измени, засилена соработка со други институции и можност за реална проверка на имотната состојба, борбата против корупцијата ризикува да остане сведена на формални постапки, наместо суштински механизам за заштита на јавниот интерес.
Магдалена Стојмановиќ – Константинов


















