Спортскиот настан „Охрид Трчат“ годинава се одржа по втор пат, заинтересираноста за настанот годинава е многу поголема, а забележително е учеството на професионални атлетичари и рекреативци од целиот регион. 

Во рамките на манифестацијата „Охрид Трчат“ атлетичарите се натпреваруваат во неколку категории и тоа: штафетен полумаратон, тим билдинг трки, трки на 5км и трки на 21 км.

Трката на 21 километри е тркачкиот професионален дел од целиот настан Охрид трчаТ. Таа пред се е наменета за активните рекреативци и професионални атлетичари кои сериозно влегуваат во борба со времето и спортските конкуренти за подобро место на трката.

Трката на 5 километри претставува рекреативна трка која е наменета за сите возрасти и која за главна цел има дружење, забава, афирмација на пораки и цели, како и промоција на трчањето кај најмладата популација и здравиот начин на живот.

Тим билдинг трките се дел од трките на 5 и 21 километaр. Самото име на трките кажува што е главна цел на овие трки. Целта на тим билдинг трките е праќањето на пораки до јавноста, издигнувањето на целите и афирмацијата на здруженија, поединци, организации, кои немаат политичка, расна и национална конотација.

Штафетниот полумаратон е дел од целиот настан Охрид трчаТ. Тoj пред се е наменет за активните рекреативци и професионални атлетичари кои сериозно влегуваат во борба со времето и спортските конкуренти за подобро место на трката. Штафетниот полумаратон се трча во пар. Парот мора да бидe од ист пол, односно двајца мажи или две девојки. Замената на штафетата се прави на едно место, односно на 10.548 км.

Лани, Милиш Ранчиќ беше победник во трката на 21 км во машка конкуренција, а Биљана Кираџиева победник на 21 км во женска конкуренција. Што се однесува до трките на 5км победата во машка конкуренција ја однесе Муџахид Мислимовски, а во женска конкуренција победа издвојуваше Николина Вељановска, за минатата година.

Никола Миланоски на Охрид Трчат го постави својот нов личен рекорд

Многумина учесници на овој настан видоа можност да ја испробаат своите лични напредоци и поставија лични рекорди. Таков случај е со атлетичарот Никола Миланоски кој е редовен учесник на трките и веќе втора година учествува на манифестацијата „Охрид Трчат“.

Годинава го постигнав својот личен рекорд во трака на 21 км и целта ми беше да видам како јас лично напредувам, истакна Миланоски.

Според него, ваквите настани се од круцијално значење за целото општество бидејќи поттикнуваат водење на здрав и спортски живот и здрави навики кај популацијата.

Охрид Трчат годинава беше поддржан од шест партнери и триесет пријателски организации. Организаторите се задоволни и од интересот на јавноста и медиумите.