Европската агенција за лекови (ЕМА) објави дека за првпат одобрила пласирање на пазарот на Европската унија на два лека засновани на антивирусни моноклонални антитела за коронавирус, наменети за употреба во раните фази на инфекцијата со Ковид-19.
Во соопштението на EMA се вели дека e одобрeна употребата на лекот наречен Ronapreve, развиен од швајцарскиот фармацевтски гигант Roche и американскиот Regeneron, и лекот Regkirona, развиен од јужнокорејската компанија Celltrion.
„Ronapreve и Regkirona се првите лекови базирани на моноклонални антитела кои добија позитивно мислење (…) за Kовид-19“, велат од ЕМА со седиште во Амстердам.
Европската комесарка за здравство, Стела Киријакидес, рече дека одобрувањето на овие лекови е важна фаза во борбата против болеста бидејќи ЕУ досега се потпираше на четири вакцини.
–Со оглед на зголемувањето на случаите на Kовид-19 во речиси сите земји-членки, охрабруваат големиот број нови опции за третман кои се појавуваат како дел од нашата стратегија за терапија против болеста. Денес правиме голем чекор кон постигнување на целта до крајот на годината да бидат одобрени пет нови терапевтски средства во ЕУ, рече Киријакидес.