Германските здравствени власти планираат нови правила според кои невакцинираните работници нема да добијат надомест на плата доколку мерките за коронавирус ги принудат на карантин.

Овие правила се подготвуваат од германското Министерство за здравство и треба да стапат на сила најдоцна до 11 октомври.

Како што велат, тоа би влијаело на луѓето кои се позитивни за корона и оние што се враќаат од земјите со „висок ризик“, а кои сега вклучуваат делови од Франција, Велика Британија и Турција.

Невакцинираните патници од такви земји мора да бидат ставени во карантин најмалку пет дена, а оние што се вакцинирани или неодамна се опоравиле од вирусот не мора.

Италијанската влада донесе една од најстрогите мерки за ковид-вирус во светот, бидејќи ги обврза сите работници во јавниот и приватниот сектор да имаат сертификат за вакцинација, негативен тест или потврда дека неодамна се опоравиле од коронавирусот.

Одлуката стапува на сила на 15 октомври, а целта е да се убедат луѓето дека треба да се вакцинираат за да се намали бројот на новозаразени во една од земјите најпогодени од пандемијата.

Исто така, во Словенија, државните службеници повеќе нема да можат да работат со негативен тест за вирусот корона – ќе биде потребен сертификат за вакцинација.

Во Франција, невакцинираните здравствени работници беа суспендирани без плата.