Владата на Србија усвои измена на Уредбата за мерки за спречување и сузбивање на заразната болест Ковид-19, според која заразените со корона вирусот кои се лекуваат дома се обврзани да бидат изолирани седум дена.
Со измената на Правилникот, која беше објавена во Службен весник и стапи во сила, се прецизира дека оваа одредба се однесува на лицата кои биле тестирани за присуство на вирусот и на кои не им биле дијагностицирани никакви симптоми или знаци на болеста.
Според оваа регулатива, доколку некое лице има примарна или секундарна имунодефициенција, се испраќа во домашна изолација на 14 дена, а состојбата на имунодефициенција ја утврдува лекарот од примарната здравствена заштита.
Со уредбата се предвидува и вработените во здравствените и социјалните установи да се тестираат со ПЦР тест по домашна изолација во текот на седум дена и да се вратат на работа доколку PCR тестот земен на седмиот ден од домашната изолација е негативен.
Во случај на позитивен резултат од PCR тестот, тие остануваат во изолација до десеттиот ден кога изолацијата се прекинува без тестирање, се наведува во регулативата.
Владата на Србија вчера го усвои Заклучокот за висината на надоместокот за RT-PCR и антигенско тестирање за присуство на вирусот SARS-CoV-2 на лично барање на јавните здравствени установи.
Со овој Заклучок, цената на ПЦР тестот е намалена од 9.000 на 6.000 динари, а на антигенскиот тест од 3.500 на 1.800 динари.
Исто така, беше одлучено да се намали времето помеѓу втората и третата доза на вакцината на три месеци.